Министерството за шумарство и водостопанство предупреди по најавите на Управата за хидрометеоролошки работи за невреме на територијата низ целата држава. Од МЗШВ велат дека новите врнежи од дожд прогнозирани за викендот и почетокот на наредната седмица ќе започнат да предизвикуваат проблеми со пролетната сеидба, расадувањето на тутунот и останатите работи на отворено, поради големата влажност особено во површинскиот слој.
Ваквите временски услови, заклучува Министерството, и понатаму не се поволни за пчеларството, заради интензивниот пролетен развој каде потребите од чести излетувања и носењето на храна се многу големи, а ветровитото и врнежливо време тоа не им го дозволува.
Се препорачува да се преземат превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции, да се расчистат одводните канали за полесно одлевање на површинските води и заштита од нив.
УХМР претходно најави дека под влијание на серија влажни бранови утре попладне и во наредните денови времето ќе биде претежно облачно и нестабилно, на повеќе места со обилни врнежи од дожд од над 50 л/м2, а во крајните западни и југоисточни делови и над 70 л/м2 за целиот период. Локално, процесите ќе бидат во форма на невреме со грмежи, засилен ветер и појава на град.