На иницијатива на Управата за финансиско разунавање денеска во просториите на Нотарската комора на Република Македонија е потпишан Меморандум за соработка помеѓу Управата за финансиско разузнавање и Нотарска комора на Македонија, со цел уредување на соработката помеѓу Нотарската Комора и Управата во полето на спречување на перење пари и финансирање на тероризам, врз основа на надлежностите и овластувањата кои што произлегуваат од законската регулатива која што ја регулира материјата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, законската регулатива која што го регулира работењето на нотарите, Националната стратегија за борба против перењето пари и финансирање на тероризмот и меѓународните стандарди.
На свеченото потпишување присуствуваше делегација на Управата за финансиско разузнавање предводена од директорот Блажо Трендафилов и делегација на Нотарската комора предводена од претседателот Васил Кузманоски.
-Со потпишувањето на Меморандумот, не само во пракса туку и на хартија се запиша и потврди досегашната успешна институционална соработка помеѓу Комората и Управата. Овој Меморандум, покрај законските обврски што нотарите како субјекти ги имаат согласно Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, уредува и доста позитивни аспекти кои одат во прилог на продлабочување на досегашната соработка со цел за доследно почитување и примена на законската регулатива на материјата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам – се вели во соопштението на Нотарската комора.
Почнувајќи од 2004 година, кога нотарите ја добија улогата на субјекти активно вклучени во борбата за спречување на перење пари па се до денес, успешно ја остваруваат својата задача и даваат значаен придонес за унапредување на функционалноста на системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам и зголемување на неговата ефикасност.
Сето ова е резултат на успешното долгогодишно залагање и соработка меѓу Управата и Комората, кои преку своите надлежни органи заеднички ги решаваат сите спорни прашања кои се појавуваат во нотарското работење.
– Исто така, улогата на нотарите во борбата за спречување на перење пари, моментално е најактуелна тема и на глобално ниво, па на сите случувања организирани од страна на органите на Меѓународната унија на латинските нотаријати, главниот акцент се дава токму на оваа тематика, поради што нотарите како едни од најзначајнте субјекти мора активно да бидат вклучени и со поддршка на Управата, како деловни партнери да придонесат за делотворно спроведување на политиката, целите, мерките и дејствијата против перењето на пари, се со цел за остварување на залагањата на Република Македонија во борбата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, што ќе ја приближи и изедначи со сите европски земји водечки на овој план- стои во соопштението.
По свеченото потпишување на Меморандумот, се разменија пригодни подароци помеѓу Управата и Комората.
Денешниот повод беше искористен за разгледување и размена на мислења за одредени актуелни прашања, што непосредно се однесуваат на улогата, овластувањата и обврските на нотарите во борбата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.