Министерството за внатрешни работи ги презема сите потребни мерки и активности за прославата на 2 август да помине мирно и достоинствено, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој во Крушево ја посети полициската станица, а потоа имаше средба со градоначалникот Томе Христоски.
– Безбедносната состојба на подрачјето на Крушево и воопшто на подрачјето на СВР Битола е добра и евидентно е дека имаме подобрени резултати. Бев запознаен со активностите на општината со кои се одбележува 2 Август. Станува збор за бројни активности со кои се одбележува овој исклучително значаен државен празник. Празнувањето значи оддавање почит на историјата и влог во иднината на државата и граѓаните. И оваа година очекуваме голем број граѓани и во Крушево, но и на другите локации каде ќе се празнува и во таа насока Министерството за внатрешни работи ги преземаат сите потребни мерки и активности за прославата на 2 август да помине мирно и достоинствено. Би ја искористил оваа прилика да ги поканам граѓаните да се приклучат кон прославата на Денот на Илинденското востание и со начинот на кој ќе прославиме, достоинствено и чесно да покажеме дека ја почитуваме историјата и ја сакаме сопствената татковина – рече Спасовски.
Од МВР констатираат дека на подрачјето на Крушево во првите шест месеци од оваа година има намалување на прекршоците во делот на јавниот ред и мир и тоа за 33 отсто, а позитивна е состојбата и во другите области.