Македонскиот референдум за независност се одржа на 8 септември 1991 година. Референдумското прашање гласеше: „Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверените држави на Југославија?“
Според официјалните податоци, од 1.495.807 гласачи излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85 отсто, а од вкупниот број граѓани кои гласале на референдумот, позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,26% отсто.
На 8 септември, на плоштадот „Македонија“, претседателот на референдумската комисија ги соопшти првите резултати, според кои Македонија изгласа да стане независна и суверена држава. По овој повод тогашниот претседател Киро Глигоров ги поздрави насобраните со следниве зборови: „граѓани и граѓанки на Македонија дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија.“