Вангел Божиноски

ВАНГЕЛ БОЖИНОСКИ, АРХИТЕКТ

Вангел Божиноски е поранешен новинар и архитект. Носител на бронзен медал на светското биенале, Борбина плакета – највисоко архитектонско признание во СФРЈ. Носител е на награда Јустинијанова порта и Љубен Најденов, предавач е на меѓународни конгреси, а основоположник е на Архитектонскиот совет на Централна и Источна Европа. Основоположник е и на првото списание за архитектура „А:“. Има направено над 600 сценографии за театар, филм и различни манифестации, а бил сценограф пет години по ред и на „Струшките вечери на поезијата“. Колумнист, автор на радио и ТВ-емисии што се наградувани на меѓународни фестивали. Носител на награда „13 ноември“, автор на многу книги, основоположник на Македонската академија за архитектура.
Во ова интервју, Божиноски зборува за архитектурата на главниот град, за проектот „Скопје 2014“ и за спомен-куќата на Мајка Тереза, а ги споделува и своите лични размислувања околу идејата за прекрстување на Македонија.

Која, според вас, е дефиницијата за Скопје?
– Кога зборуваме за Скопје, се служиме со стереотипот „крстосница“. Другата метонимија (која се обидовме да ја одгледаме по 1963-та) е Скопје – град на солидарноста. Секојдневноста покажува дека и двата атрибута не ја огледалат реалноста на главниот град на Република Македонија. Доказот е едноставен: набљудувајте ги „интелектуалните“ експертизи за вредноста на Скопје во кои целта на остроумноста се мери со тоа кој погрдо ќе го дефинира овој прастар урбан континуитет.

Досега најдалеку стигна еден што го дефинира Скопје како „копиле“. Каде е изворот на оваа појава? Дозволете да се осмелам со една „антиквизација“. Македонскиот филозоф Аристотел, забележано е, само еднаш гневно извикал, парафразирам: Незнаењето е најголема беда од сите бедотии. Историјата на Скопје е како глуварка. Голем цвет богат со информации, тенко стебло, речиси проѕирно, и плиток корен. Поинаку кажано – истражувањата во врска со вистината за Скопје се по број малку и по квалитет незадоволителни. На пример одредницата Старо Скопје се однесува на Скопје од минатиот век. Неоспорна вистина е дека Скопје започнува како град пред 8.000 години.

Неоспорна вистина е дека утврдениот град кај Злокуќани добива статус на колонија пред 2.000 години, а многу еминентни археолози посведочуваат дека Скопје е преубавата Јустинијана Прима од 6 век. Археолозите соопштуваат и други наоди, но најстари архитектонски факти за Скопје датираат околу 6.000 години пред новата ера. Не е јасно поради која причина ние му го одземаме достоинството на градот со тоа што прескокнуваме шест илјади години од неговата историја и велиме дека настанал како римски град во првиот век на новата ера. Иако истражувањата покажуваат дека Скупи е поставен на темели најмалку 600 години постари во однос на театарот, дека гробиштата се по површина трипати поголеми и постојат од времето на железото! Затоа, за да се дефинира Скопје, треба да се постави во вистинските рамки, во вистинската лига. Скопје е веројатно најстариот главен град на Европа. Се разбира, како континуитет на живеење. Но, според архитектонско-културолошката историја, и со континуитет на староседелци. По досегашните наоди, нашите артефакти се постари од неолитските артефакти на Рим. Затоа е нескладна метонимијата „крстосница“.

Каде е денес Скопје архитектонски?
– Скопје е континуирана архитектонска мисла, која е дефинирана од просторот на кој никнал од народот што обитава и гради од традицијата што е гравитациско ткиво помеѓу нив. Денес Скопје е во истата секојдневност како во последните 40 години, под глаголските дејства плукање и понижување, но во реалноста пред еден увид во крупната траума наречена централно градско подрачје. Денес темата се именува „Скопје 2014“, пред тоа се именуваше „Планот на Кензо Танге“. Според мене, костурот на проблемот е добро да се постави вака. Се разбира, мора да се земе предвид дека оваа траума трае од 1914-та, со урбанистичкиот план на арх. Спасиќ. „Скопје 2014“ започна како предизвик на провокации од медиумите преку слободорачно испорачани „Вистини“ за димензиите на споменикот на Александар Македонски. „Скопје 2014“ постави задача да се користат историските стилови во проектирањето на новите објекти. „Скопје 2014“ постави цел: да се кристализира македонското минато таму каде што во архитектонско-урбанистичка смисла му е местото – во центарот на главниот град. Јас го поддржав проектот. Бев интервјуиран од над 30 странски медиуми, за домашните бев секогаш на располагање. Денес сум свесен за можностите за подобри решенија, очекував просечен процент на неуспех и сепак мислам дека ова е (кога ќе се доврши) придонес и реална слика на можностите на оваа генерација градители.

Последиците од „Скопје 2014“ се позитивни и јас не се колебам околу мојата поддршка. Моето размислување за Скопје се совпаѓа со ова движење на македонскиот народ (јас не мислам дека треба да ја користиме синтагмата „проект“ и моите колумни, радио и ТВ-емисии прилега како да се манифест според кој е поставено „Скопје 2014“, бидејќи суштествуваат 10-15 години пред 2009 година. Значи, „Скопје 2014“ не настана поради сознанието дека 2014-та значи реализирано централно подрачје на Скопје по 100 јалови градски и државни власти, туку поради процената за можен рок за завршување на работите. За мене беше радосна вест што една влада има храброст да се зафати со проект поголем од мандатот. Денес мислам дека оваа кристализација на забранетата историја на Македонија беше одредба на судбината. Јас и денес чувствувам гордост поради мојата поддршка. Навистина беше заден час, со почит кон Конески.

Дали ви се допаѓа епилогот од „Скопје 2014“?
– Како архитект и теоретичар што ја истражувал историјата на македонската архитектура и активно учествувал во УИА (Светскиот сојуз на архитекти) и како новинар што интервјуирал 10 од 20-те најголеми архитекти на денешнината, немам слобода да ми се допадне или не она што се гради. Многу од објектите јас би ги проектирал поинаку. Но како критичар сметам дека и во овој градителски двиг, како и во обновата на Скопје по земјотресот, како и во поскромните зафати по Втората светска војна, има вредни објекти и потези и има копии. Сметам дека стиловите во архитектурата се алатка за полесно средување на минатото, но во реалноста постојат простор, традиција и личноста на архитектот. Затоа се обидувам да афирмирам оригиналност во рамките на традицијата. Архитектурата и уметноста не се делови од играта на човештвото што само трошат пари. На отворањето на една од првите скулптури во рамките на „2014“ јас изјавив дека спомениците не се трошок туку, напротив, профит за градот. Ова веќе е реалност низ центарот на Скопје: професијата туристички водич стана профитабилна за скопјаните што решија да ѝ се посветат на таа благородна професија. И јас ја минав едукацијата и сега сум член на Сојузот на туристички водичи на Македонија и водам туристи низ приказните што ги шепоти немиот говор на просторот на Скопје, на Македонија.

Како гледате на спомен-куќата на Мајка Тереза од оваа временска дистанца?
– Јас немав идеја дека ќе бидам архитект. Сметам дека се појави некој повик. Сакав поезија, сакав ракомет, сакав геометрија. Сакав виолина и скулптура. Сакав филозофија и физика. Сакав река. Затоа, мојот пристап, мојот начин како да го иссонувам објектот е многу поблизок до поезијата, отколку до она што е правило во архитектурата. За мене поезијата започнува како носталгија по непознато уточиште, а архитектурата е носталгија по заборавеното потсвесно уточиште. Постои една програма во историјата на македонската архитектура. Неа ја наоѓаме од неолитот до денес. Програмата се вика кенотаф. Тоа е временска машина (простор што препева), која ја враќа загинатата душа на родната земја. Спомен-куќата на Мајка Тереза е кенотаф. Апсолутно успешен кенотаф, затоа што ја исполни својата функција. Коските на Мајка Тереза се повторно во Скопје. На свеченото отворање, кога никој не знаеше, определениот претставник соопшти дека коските на Мајка Тереза се во капелата… И тогаш и денес морници ми минуваат по телото. И тогаш и денес верувам во чудеса. Тоа е волшепството на една древна архитектонска програма. Тоа е архитектура-уметност на сеќавањето. Во архитектурата се важни градбите, но важни се и имињата на градбите, на авторите и честопати тие градби си добиваат и имиња врз основа на архитектонската вредност.

Зошто се важни имињата на нештата?
– Името е судбина. Архитектурата измислила специјална програма за давање име некому. Денес ги препознаваме под името крстилници. Тие се правени во време кога бог реално бил присутен на земјата. Кога ќе се погледнат архитектонските вредности вградени во крстилница, ќе се забележи дека тоа се најубавите објекти. Нивната естетска и ритуална вредност ги надминува и атрибутите на црковниот објект. На чинот на давање име му се дава огромно значење, ритуалот да му се даде име на дете е подолготраен од ритуалот на венчавање. Тоа е нешто што се смета за најважно во животот на еден човек, зашто името ја определува судбината. Секоја промена на името на човек, на зграда, на настан, го менува идентитетот. За промена на името на народот да не зборуваме. Кој одлучува за промена? Невозможна мисија. Ако е име на народ, решава народот, но не онаа алка моментално присутна во секојдневната политика, туку и гробиштата и темелите-корените под земја и образите што надоаѓаат од иднината. Ако некој невнимателен, неосвестен, лековерно се осмели да стори нешто како обид за бришење идентитет, тоа е дело што не може да се оправда на ниеден начин. Ако е забрането со устав и закон, тоа е велепредавство на разумот. Идентитет менуваат само криминалци.

Дали државата би станала побогата, поцивилизирана, поуспешна ако се промени нејзиното име? Каков е вашиот став по однос на ова прашање?
– Протолкувано низ јазикот на архитектурата, не можам да разберам како Македонија, како Македонците би станале побогати, поцивилизирани, ако изгубат нешто, уште полошо ако е тоа идентитетот. Ако ја пролистаме книгата на татковината, која се чува под земјава што ја газиме, ќе видиме дека на секој чекор, на секоја страница избликнуваат пораки што црвенеат и викаат. Еве само еден податок – од Македонија нелегално се изнесени милион артефакти во периодот од 1991 до 2006 (податокот е јавен и службен). Тоа подразбира од мала сребрена монета од времето на Филип Македонски до кратер од бронза со големина околу два метра, еден од петте најголеми археолошки движни наоди во светот. Една мала сребрена паричка од периодот на македонската држава во антиката чини просечно 100 евра. Најголемиот артефакт што е нелегално изнесен од Македонија е кратерот, кој е висок 180 см и тежок 500 кила, тој е продаден за 500 милиони долари. Да ја пресметаме средната вредност, ќе добиеме 250 милиони долари, и да го помножиме тоа по милион артефакти украдени од Македонија, без никаква добивка за Македонија од македонските прародители.

Тоа е само 5 отсто од постојното минато на Македонија (затоа ли се заинтересирани олеснувачите?). Додека сме Македонија во која има луѓе што прифатиле огромни одговорности, а сѐ уште не се свесни за значењето на името Македонија, нелегално ќе се изнесуваат 250 милијарди долари на секои 15 години (навика, навика). Со промена на идентитетот, легално и во пократок ритам ќе се изнесуваат непроценливите традиции на македонската цивилизација и не само како големи бројки цитирани во ова интервју. Ќе остане вистината за едно неосвестено предавство, кое не сфаќа дека ќе биде прва и последна лекција во учебниците по историја на новокомпонираната Северна Македонија. Ако немате спомени, постои медицинска дијагноза, ако немате меморија, немате архитектура, зашто архитектурата е уметност на сеќавањето. Ако немате архитектура, немате свој град и немате своја банкнота. Ако го избришете сеќавањето на Македонија и македонскиот народ од 60 век пред Христа до 20 век по Христа, навистина ќе станете херои што го спасиле од „заблуда“ народот што ја востановил првата држава во Европа свесен дека има име Македонец и никогаш во 8.000 години постоење немал потреба од каква и да е промена на идентитетот.

Во ветувањата (ако се самоуништиме) стои „силниот аргумент“ посветла иднина. Потсетувам, посветлата иднина е ветувањето што власта во Македонија го повторува во континуитет од 1945-та. Досега, фала богу, не се појавила. Потсетувам, древномакедонската мудрост порачува: „Уметноста на лошата власт се состои во зголемување на јазот помеѓу одлуките на власта и она што народот и традицијата го разбираат како чесно и добро“. Стереотипот посочува кон небото кога сака да материјализира посветла иднина. На архитектот, кога ќе ги погледне прекрасните простори на ѕвездите и галаксиите на небото, кристално му е јасно дека гледа над 12 милијарди светлосни години длабока историја. Изгледа никако човек да избега од минатото.