Министерот за здравство, Венко Филипче вели дека чекаат Светската здравствена организација да даде препораки за тоа што треба да се прави за да се спречи заразата од коронавирусот, кој првично беше откриен во Кина. Од вирусот за кратко време заболеа над 500 луѓе, од кои шестмина починаа.
– Имавме вчера неофицијални разговори, бидејќи имаше некаква активност во Светската здравствена организација и се разгледуваат евентуални препораки и за далечните земји, каде сега се случува појава на заразени луѓе од овој вирус. Ќе видиме какви ќе бидат препораките, контактираме со лица од СЗО. Ќе видиме дали ќе има потреба од некаков скрининг на аеродромите, ќе дознаеме во текот на денов – рече Филипче.
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека постои голема веројатност новиот коронавирус да се прошири и во други делови на Кина, како и во други земји.
– Во наредните денови, може да се очекуваат повеќе случаи во другите делови на Кина, како и во други земји – изјави портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ.
Засега во Кина најмногу случаи се забележани во градот Вухан, а се верува дека се проширил од пазарите со морска храна, иако изолирани случаи се регистрирани и во Шангај и во Пекинг. Прв случај на заболено лице од вирусот синоќа беше објавен и во САД, а има заболени и во Јапонија, Хонгконг и Јужна Кореја.
Европа располага со средства како да се спротивстави на ширењето на новиот коронавирус, кој првично е откриен во Кина, изјави професорот Херман Госенс, претставник на европската организација „Припеар“, која работи на спречување на новопојавени епидемии со поддршка на Европската комисија. Според него, никогаш досега немало толку брз и кохерентен одговор на појавата на нова епидемиска закана.