Вицепремиерот и министер за одбрана Радмила Шекеринска најави дека утре го формализираат и го објавуваат првиот конкурс за прием на нови 125 професионални војници во Армијата на Република Македонија, кој ќе биде дел од вкупно 375-те нови професионални војници кои треба да го зајакнат армискиот состав.
Посочи дека со тоа се дава придонес и на политиката на Владата на Република Македонија за создавање нови работни места кои ќе бидат подобро платени.
– Целта ни е со ваквиот чекор, како и со зголемување на платите на воениот состав во Армијата на Република Македонија да решиме три прашања, прво да ја зголемиме стабилноста и безбедноста на нашата земја, второ да дадеме шанса на младите луѓе во Република Македонија и трето да ја продолжиме тенденцијата на пораст на платите која беше објавена во јануари – посочи денеска Шекеринска по посетата на Воено-медицинскиот центар во Скопје.
Таа ги повика сите млади луѓе на возраст до 25 години со завршено средно образование кои веќе доброволно го отслужиле воениот рок да се пријават на овој конкурс и да дадат шанса за својата генерација, да создадат шанса, но и да влијаат на зајакнување на составот на Армијата на Република Македонија.
– Покажавме и како Влада и како луѓе кои го водат Министерството за одбрана дека ги паметиме и ги одржуваме зборовите и ветувањата кои ги даваме. Го засилуваме составот, ја засилуваме Армија на Република Македонија, ги зголемивме платите на сите кои се во служба на Армијата на Република Македонија, а сега работиме и на зајакнување на инвестициите во сите воени објекти – истакна Шекеринска.
Дополнително, нагласи, во следните десет дена и официјално ќе го почнеме процесот на набавка на униформи и чизми кои долги години беа камен на сопнување и слабост на сите оние кои работат во Армијата.
– Целта ни е чекор по чекор да ги решаваме проблемите, да ја подмладуваме Армијата и да им дадеме шанса на младите кои можат да придонесат. Службата во Армијата не е само чест, не е само одговорност, тоа е и голема шанса за напредување, на обуки кои ги реализираме во повеќе од 20 земји во светот, шанса за дополнителни школувања и за професија која враќа и во смисла на шанси и во смисла на можности за понатамошен профессионален развој – додаде Шекеринска.