Експерстката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања денеска и утре ќе го одржи 16-от по ред состанок во онлајн формат поради пандемијата со коронавирусот. Во пресрет на денешниот состанок, Ангел Димитров истакнува дека на него ќе се разговара за она за што се зборува веќе пет состаноци по ред.
– Заглавивме во 10-11 век – крајот на Првото бугарско царство, времето на цар Самуил и неговите наследници. Не останува време да разговараме за заедничкото чествување на двете држави на Гоце Делчев – вели Димитров.
Мината средба се одржа во изборен период во двете земји и не беа усвоени никакви решенија и препораки. По завршувањето на последната средба, еден од нејзините членови професор д-р Ванчо Ѓорѓиев, преку соопштение информираше дека ја напушта работата во заедничката мултидисциплинарна експертска комисија.
Македонсите претставници во комисијата, тогаш за МИА информираа дека не биле усвоени решенија и препораки поради исклучивиот пристап на колегите од Софија и нивното инсистирање да се наметне нивното гледање на минатото. Сеуште нема информации дали е избран нов член во комисијата кој би го пополнил испразнетото место.
По средбата, свое видување за работата на комисијата даде и Ангел Димитров, копретеседател од бугарска страна, за бугарските медиуми.
– Се надевавме дека нешто може да се промени. Тоа го направивме за да може да се постигне договор, но вчера попладне нешто се промени и нашите колеги од РСМ се вратија на старите позиции. Нашите колеги не може да дозволат размислување за заедничка историја и за она што е запишано во договорот за пријателство и добрососедство – рече Димитров.