Експертите предупредуваат дека бројот на природните катастрофи како резултат на климатските промени во светот е зголемен. Во однос на Македонија, прогнозите се дека зголемените температури со помалку врнежи ќе ја направат Македонија сушна земја, што е директна закана за земјоделските култури што традиционално виреат на ова подрачје, но истовремено тоа е закана и по штедроста на изворите за пивка вода, како и за нивоата на реките и езерата
Македонија иако не емитува големо количество на јаглерод диоксид во атмосферата, гас што се смета за главен виновник за климатските промени, сепак од година на година сè повеќе ги чувствува последиците од нив.
Летата станаа екстремно жешки, сушните периоди стануваат подолги, зимите се без снег, а временските непогоди добиваат поизразен карактер.
Земјава ова лето неколку месеци беше без врнежи, во септември, октомври и ноември температурите беа над просекот, што, од друга страна, влијаеше врз хидролошката состојба, а со тоа и врз земјоделството.
Ефектот на зголемените температури со помалку врнежи ќе ја направи Македонија сушна земја, што е директна закана за земјоделските култури што традиционално виреат на ова подрачје, но истовремено тоа е закана и по штедроста на изворите за пивка вода, како и за нивоата на реките и езерата.
– Ако зачестат сушните периоди, ќе се јават проблеми со билансот на водите, ќе има поголема потреба за вода, помалку проблеми со подземните води. Одредени влијанија ќе се случат и кај земјоделството, а климатските промени ќе влијаат и врз зголемувањето на бројот на природните катастрофи – вели Пеце Ристевски, климатолог и метеоролог.
Тој додава дека ќе дојде до појава на подолготрајни суши, топлотни бранови, кисели дождови, како и студени бранови.
– Бројот на природните катастрофи како резултат на климатските промени во светот е зголемен – нагласува Ристевски.
Според него, Македонија речиси воопшто и не придонесува во зголемувањето на емисијата на стакленички гасови во атмосферата.
– Македонија не може да се смета за некаков голем загадувач, буквално сме една мала точка на светскиот глобус. Точно е дека има загадување на воздухот кај нас предизвикано од загревањето на домовите, од транспортот, од земјоделството, но тоа е нешто друго и добро е најпрво да почнеме да се справуваме со овој проблем – вели Ристевски.
Анализите на Светската метеоролошка организација (СМО) покажуваат дека температурите низ светот, вклучувајќи го и Балканот, стануваат сè повисоки и се предвидува понатамошен тренд на пораст. Исто така, регионот, па и Македонија од година на година примаат помалку врнежи и се очекува нивно намалување, иако врнежите ќе зависат од конфигурацијата на теренот, како и од близината на морето и надморската височина.
Очекувањата на климатолозите се дека промените во климата ќе влијаат и врз економските сектори, природните извори, популацијата, БДП и миграциите.
Македонија во насока на ефикасно справување со последиците од климатските промени започна проект што има цел да ја подобри транспарентноста на климатските акции што се преземаат во земјава, за да може навремено да одговори на националните обврски од договорот од Париз.
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини посочува три сегменти во кои земјава може да придонесе во справувањето со климатските промени.
– Зајакнување на соработка со приватниот сектор и општините за создавање услови за поамбициозна климатска акција и општо за почиста животна средина, разгледување и дополнување на постојните закони (каде што е потребно) и нивно ефикасно спроведување, како и развивање на свеста кај луѓето дека ние како индивидуи сме дел од причината за климатските промени и дека можеме да бидеме решението – се дел од заложбите кои ги посочи Нуредини одговарајќи на прашањето што е потребно првично да се преземе во врска со овој проблем.
Светската метеоролошка организација (СМО), со седиште во Женева, неодамна упати предупредување дека количеството стакленички гасови што ја задржуваат топлината во атмосферата минатата година достигнало нов рекорд.
Според предупредувањата на СМО, концентрацијата на јаглерод диоксид, гас што се смета за најодговорен за климатските промени, достигнала високи 407,8 честички на милион. И концентрацијата на метанот, уште еден стакленички гас, порасна до нова висока вредност, која изнесува 259 отсто во однос на нивото регистрирано пред почетокот на индустриската револуција во 19 век, додека концентрацијата на азотни оксиди се искачила на 123 отсто во однос на прединдустриското ниво. Од 1990 година ефектот на загревање на стакленичките гасови пораснал за 43 отсто.