Под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, амбасадорот на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо, и директорот на ЈЗУ Здравствен дом Скопје, Виктор Исјановски, денеска потпишаа договор за донација во насока на зајакнување на соработката преку директна поддршка на здравствениот систем, а со цел подигнување на квалитетот на здравствените услуги во нашата држава.
Донацијата е поттик за натамошно изнаоѓање системски решенија за предизвиците со кои се соочува оваа поликлиника, како и дел од здравствените установи во општините со поголем процент ромско население, од аспект на медицински кадар, опрема и соодветни просторни услови, како и за постојано вложување во здравствениот систем и овозможување квалитетни здравствени услуги на сите граѓани еднакво.
Финансиските средства обезбедени од кинеската амбасада, во висина од еден милион и шестотини илјади денари, се наменети за опремување на РТГ-кабинет и реконструкција на покривот на поликлиниката во Шуто Оризари, која е во состав на Здравствениот дом Скопје.
Соработката се официјализира преку меморандум за соработка помеѓу кабинетот на претседателот на Македонија, Амбасадата на Народна Република Кина во Скопје и Јавната здравствена установа Здравствен дом Скопје.