Денеска, се одбележува Светскиот ден на срцето. На овој ден, кога светот сè уште се бори со пандемијата предизвикана од Ковид-19, никогаш не сме биле посвесни за важноста на нашето здравје и здравјето на нашите најблиски. Така, оваа година Светскиот ден на срцето е поважен од сите досега. Сега е шансата за сите нас да се осигуриме дека го негуваме и правилно го чуваме срцето, велат здравствените власти.
Додаваат дека кардиоваскуларната болест е најголемиот убиец на светот. До неа доведуваат многу причини, почнувајќи од пушење цигари, дијабетес, висок крвен притисок, до загадување на воздухот и други болести. Во 2019 година се забележани 17,9 милиони смртни случаи во светот како резултат на кардиоваскуларните заболувања, односно 32 отсто од сите смртни случаи глобално. Од нив, 85 % како резултат на срцев или мозочен удар. Во Европа кардиоваскуларната болест е главна причина за смрт, и тоа кај 47 % од жените и 39 % од мажите.
Според последните податоци од здравство, 530 милиони луѓе во светот живеат со кардиоваскуларна болест и за нив пандемијата на Ковид-19 беше уништувачка. Нашите пациенти беа најподложни за развивање тешка форма на болеста предизвикана од вирусната инфекција поради што многу од пациентите се плашеа да се јават на своите рутински и закажани контроли и се изолираа од своите семејства и блиски. Пациентите што доживуваа срцев удар го одложуваа својот итен есенцијален третман поради страв од заразување предизвикувајќи нова јавна здравствена криза.
Универзитетската клиника за кардиологија е секогаш достапна за своите пациенти, дури и во овие најтешки времиња предизвикани од пандемијата на Ковид-19. Иако во моментот дел од Клиниката функционира и како ковид-центар, со цел да ги третира пациентите со кардиоваскуларни заболувања заразени од Ковид-19, преостанатиот дел од Клиниката работи со целосен капацитет вклучувајќи голем број коронарни интервенции, како и други дијагностички процедури, посочуваат од Здравство.
Ги охрабруваат, како што велат, пациентите да продолжат со својата рутинска нега на срцето, со цел да се осигурат дека ќе останат здрави. Колку побргу се третира болеста на срцето, толку е подобар исходот кај пациентите и се намалени ризиците од компликации, додаваат здравствените работници.