Фото: Маја Јаневска-Илиева

Иницијативите за регулација на прегласните звучници од верските објекти засега без резултат

На социјалните мрежи, луѓе од општините Бутел, Чаир и Центар најмногу реагираат за гласноста на звучниците при утринските и попладневните молитви. Наутро велат дека остануваат без сон, а попладне кога се вратени од работа повторно се соочуваат со преголема гласност. Посочуваат дека гласноста на звучниците, кои емитуваат високи децибели од џамиите, повеќе е вознемирувачка отколку смирувачка. Но какви се поновите состојби, по досегашните реакции и граѓански иницијативи? Се решаваат ли оваа појава и проблем?

Има или нема преголема бучава од звучниците преку кои се пренесуваат молитвите во џамиите во текот на денот е појава за која сѐ уште надлежните институции немаат одговор. Граѓани постојано се жалат и по медиумите, на социјалните мрежи, а од друга страна од Исламската верска заедница велат дека сѐ е во рамките на законските процедури. Во меѓувреме без конкретен резултат завршија и неколку граѓански иницијативи или претставки за регулирање на оваа ситуација.
Ваквата статус кво состојба и понатаму е предмет на реакции.

На социјалните мрежи, луѓе од општините Бутел, Чаир и Центар најмногу реагираат за гласноста при утринските и попладневните молитви. Наутро велат дека остануваат без сон, а попладне кога се вратени од работа повторно се соочуваат со преголема гласност. Посочуваат дека практикувањето на сѐ погласната молитва од звучниците, кои емитуваат високи децибели, повеќе е вознемирувачко отколку смирувачко.
Соочувајќи се со истите проблеми, во неколку земји со муслиманско население, како Саудиска Арабија, Индонезија, но и Косово, тамошните власти со закон ја ограничија јачината на звукот што доаѓа од џамиите.

Овие настани и појави од светот и од регионот се дел и за македонската јавност, зашто нашата држава како мултиетничка средина се соочува со слични проблеми и предизвици.

Какви се состојбите во Македонија и како населението со граѓански иницијативи се соочува и бори со тој проблем? Според Законот за заштита од бучава, за секое пречекорување на дозволените 45 децибели гласност, глобата се движи од 150 до 20.000 евра.

Градските власти на Скопје што се надлежни да ги контролираат состојбите, во изјава за „Нова Македонија“ велат дека Градот во рамките на своите надлежности презема голем број мерки и активности за посочената проблематика. Оттаму додаваат дека, сепак, станува збор за комплексна материја што има поделени надлежности.
– Обврската за мерење на бучавоста на верските објекти ја имаат инспектори за животна средина во рамките на соодветните општини, каде што од нивна страна се ангажира лиценцирана и акредитирана фирма за мерење на бучавоста. Овие фирми стручно и со посебни инструменти ги вршат мерењата за бучавост, а врз основа на истите тие, издаваат извештај во кој се наведуваат резултатите и дали тие се во рамките на дозволената јачина на децибели, која е пропишана со закон – велат од Градот.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Оттаму информираат дека самите мерења и постапки на општинските инспектори започнуваат по претходна пријава од страна на граѓани или друг субјект.
– И нашите инспектори можат да извршат инспекциски увид по вакви пријави, но практиката и надлежностите упатуваат дека бучавоста на овие субјекти ја вршат општинските инспекторати, додека ние (Инспекторат на Град Скопје) најчесто ја контролираме бучавоста што произлегува од производствените и индустриски капацитети што работат со Б-интегрирана еколошка дозвола – се вели во одговорот до редакцијата.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека државните власти не вршат контрола на бучавата во населените места во државата, туку тоа го вршат акредитирани лаборатории по барање на локалните општински власти.
– Во зависност од каде е пријавен случајот, дали во МВР или во општините, се алармираат овие лаборатории, кои во соработка со инспекциските служби излегуваат на терен и го вршат мерењето на гласноста, дали таа го надминува дозволеното ниво во населените или индустриските локации во државата. Ако е нарушено нивото, тие се санкционираат соодветно според законските решенија и на објектите што ја вршат бучавата им се наложува да ја минимизираат – велат од Министерството.

Општините велат дека посебен оператор (избран преку јавна набавка) ги врши мерењата на бучавата, најчесто од домот на она лице што е подносител на пријавата. Постапката наложува мерење на бучавата од приватното домаќинство (пријавувачот), за мерење на бучава на угостителски објекти (кафулиња, ресторани), при што во повеќе наврати е изречена парична санкција.
Сепак, велат дека Законот за бучава не пропишува мерење на бучавата и од верски објекти, туку се прават напори за да се реши оваа законска празнина.

Од Исламската верска заедница велат дека досега многупати се разговарало со муфтиствата на оваа тема.
– Молитвите се пуштаат на разглас. Ниту една верска заедница нема намера да му пречи никому – посочуваат од ИВЗ.

Даријан Сотировски, директорот на Комисијата за односи со верските заедници, вели дека слободата на изразување на својата вера и нејзиното практикување со сите манифестациони форми е неприкосновено право на граѓаните, до границите што ги исцртуваат правата и слободите на другите.
– Оттаму емитирањето на гласноста над законски дозволениот праг не е во ред. Како институција имаме сознанија за чести поплаки од граѓани од урбаните средини, а запознаени сме и за постапувањето во неколку случаи на инспекциските служби на општините во чија надлежност е постапувањето по нарушувањето на јавниот ред и мир со емитирање недозволена гласност. Ние апелираме до сите верски субјекти да се придржуваат до пропишаните прописи, со што нема да пречат на јавниот ред и мир и правата на граѓаните – посочува Сотировски.

Инаку, голем дел европски држави веќе го имаат регулирано ова прашање. Неодамна и Саудиска Арабија воведе ограничување на преголемата гласност на емитувањето на молитвите, исто така по барање на тамошната јавност.


Молитвата е втор столб на исламската вера

Молитвите и повиците на оџата од џамиите имаат длабок духовен карактер. Намаз се вика муслиманска молитва што муслиманите ја прават пет пати во денот. Од верниците муслимани се очекува пет пати дневно со лицето да се свртат кон Мека и да ја изговорат пропишаната реченица со која одлучуваат да пристапат на одреден намаз. Молитвата е втор столб на исламската вера.

[email protected]