По големиот број напади од страна на уличните кучиња во Гостивар, оштетените граѓани се едногласни и велат дека локалната, но и државната власт мораат да бидат многу поефикасни во решавањето на проблемот со кучињата скитници, во заштитата на граѓаните и во обезбедувањето на неопходната медицинска помош, во ситуации, кога, тие сепак, ќе бидат нападнати
Колку е тесен просторот помеѓу безбедноста на граѓаните и таканаречениот хуман третман на уличните кучиња, на кој инсистираат граѓанските здруженија за заштита на животните, и колку властите, локални и државни, се неподготвени да одговорат со соодветна реакција, покажува еден од поновите примери од Гостивар. Имено, пред некој ден, во период од само четири часа, некаде од 14.40 до 18.30 часот, на улиците Никола Тесла и Гоче Гавриловски во гостиварската населба Дутлок, од исто куче скитник беа каснати петмина граѓани, најмладиот има 17 години, а највозрасниот 82 години. Два-три дена пред тоа, беа каснати три лица од истата населба. По реакција на блиските на каснатите лица, ветеринарен лекар со асистенција на полицијата, со инјекција, го успал кучето скитник и тоа било пренесено во стационарот за кучиња, постапка што е предвидена со таканаречениот хуман третман на бездомните животни. Но паралелно со тоа, некои од граѓаните што беа каснати од кучињата, сведочат за сосема спротивни искуства што ги доживеале, додека трауматизирани од самиот напад се обидувале да добија соодветна медицинска помош.
– Враќајќи се од работа, неочекувано, бев нападната од куче скитник, кое ме гризна на задниот дел од потколеницата. Само присебноста ме спаси од потешки последици. Останав мирна, не реагирав, а кучето се откажа од понатамошниот напад. Страшно беше тоа што го доживеав, уште пострашни се лекувањето и голготата што сѐ уште ги доживувам. Во Хируршкото одделение на гостиварската болница раната брзо ми беше санирана и не очекував дека проблемите со лекувањето допрва доаѓаат. Во Инфективното одделение примив вакцина против тетанус. Вакцината против беснило, за жал, ја немаше ниту на одделението ниту во гостиварските аптеки. По талкањето низ гостиварските аптеки, загрижена за моето здравје, се вратив во Инфективното одделение и со упат бев испратена на соодветното одделение на скопската клиника „Мајка Тереза“, каде што ја примив првата вакцина против беснило, а за другите три добив термини и последната треба да ја примам на 12 јануари идната година – раскажува 58-годишната гостиварка С.Ј.
И тоа е само еден од многубројните случаи, каде што граѓаните ни криви ни должни се соочуваат со проблеми само затоа што институциите не ги вршат своите задачи за кои се формирани и финансирани од граѓаните. Освен тоа, бидејќи граѓаните често не можат да ги добијат дури ни основните услуги во местата во кои живеат, тие се принудени да одат во главниот град и да се изложуваат на дополнителни трошоци. Оштетените граѓани се едногласни и велат дека локалната, но и државната власт мораат да бидат многу поефикасни во решавањето на проблемот со кучињата скитници, во заштитата на граѓаните и во обезбедувањето на неопходната медицинска помош, во ситуации, кога, тие сепак, ќе бидат нападнати.
Инаку, во последниве две години, во двата стационари во Гостивар се третирани околу 470 кучиња скитници (вакцинирани, стерилизирани и кастрирани), од околу 700 кучиња што, според процените, ги има во градот – изјави неодамна гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари, кој рече дека и самиот е незадоволен бидејќи граѓаните постојано реагираат, се жалат и бараат поенергични мерки за решавање на проблемот.
– Граѓаните се во право, ќе продолжиме со активностите до искоренување на оваа немила појава – истакна Таравари.
Според него, резултатите ќе бидат задоволителни ако успеат да ја подобрат соработката со гостиварската полиција, која, како што рече, треба да го спречи носењето на кучињата скитници со камиони од соседните градови.