Кохабитацијата, како „чек и баланс-систем“ врамен со позитивното право, врз основа на негово стриктно почитување, наместо да придонесе за политичката стабилност и меѓусебна контрола на двете извршни власти (Владата и претседателот на државата), во овие судбоносни моменти, таа е причина за дополнителни политички тензии, кои генерираат нова поделеност, внатрешна криза и губење на компасот за движење на стратегиските насоки и на националното опстојување
Реализирањето на договорот за името со Грција или неговото пропаѓање, во јавноста сѐ погласно се поставува како причина поради која еден од двајцата највисоко рангирани луѓе во земјава (премиерот или претседателот) би можел да ја заврши својата политичка кариера. Дури и со изјавите и потезите што ги влечат највисоките државни функционери, тие сами придонесуваат за непотребно разгорување на меѓусебната политичка битка. Наместо во овие најзначајни времиња на премрежиња во секоја смисла на зборот за граѓаните и за самата држава, тие да придонесат за монолитноста на прашањата од колосален историски и интерес за иднината, кохабитацијата меѓу нив, која првенствено е во интерес на сите нас, функционира очајно. Меѓутоа, иако не е спорно дека „содејствувањето“ подразбира и меѓусебни несогласици, одговорот е дека Уставот, законите и нивното стриктно почитување се егзактна рамка, која обезбедува легалитет, владеење на правото, процедури и правна држава. Доколку тие (постојано) се кршат (и тоа од највисоките државни функционери, како претседател на Собранието на пример), нема што да бараме понатаму и пред себеси или некому да му докажуваме за напредок во суштинските сфери на функционирање на државата и на правото.
Хронолошки гледано наназад, најсвеж пример за ваквите релации е вчерашниот, во кој претседателот Ѓорге Иванов писмено го информира парламентот дека донел одлука да не го потпише указот на Законот за ратификација на конечната спогодба за надминување на спорот за името меѓу Македонија и Грција. Според соопштението од кабинетот на Иванов, договорот бил спротивен на Кривичниот законик и за него може да се добие затворска казна од пет години. Во писмото што тој го испратил до парламентот вели дека во извршувањето на својата функција секогаш постапувал одговорно и своите права и должности ги вршел врз основа на Уставот, законите и интересите на Република Македонија.
– Затоа, врз основа на членот 75 од Уставот на Република Македонија, донесов одлука да не го потпишам указот за прогласување на Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратегиско партнерство меѓу страните – вели Иванов во својот писмен допис.
Истиот ден, се огласи и Владата, која истакна дека непотпишувањето указ за договорот со Грција од претседателот Иванов е очекуван потег, но тоа немало да влијае на неговата имплементација.
– Одлуката на Иванов не влијае на чекорите, односно имплементацијата на фазите од договорот. Владата на Грција веќе ги испрати писмата до ЕУ и НАТО – изјави владиниот портпарол.
Само еден ден претходно на темата поврзана со договорот со Грција и референдумот, премиерот Зоран Заев изјави дека ако не успее референдумот, тој ќе поднесе оставка.
– Ќе си заминам ако не успее референдумот во Македонија, но многу сум сигурен дека ќе успее. Очекувам огромна поддршка од граѓаните и сериозен проценти на поддршка, 77-85 отсто, во согласност со тоа колкави се процентите на граѓаните што се изјасниле дали се за ЕУ и НАТО – рече Заев.
Премиерот Заев додаде дека во владејачката коалиција сѐ уште не размислувале за формулацијата на референдумското прашање, но истакна дека ќе биде поврзано со одлуката за името и со ЕУ и НАТО.
Премиерот најави дека е можно собраниското мнозинство да побара „импичмент за претседателот“, доколку тој не го потпише договорот со Грција, но откако граѓаните на референдум би се изјасниле позитивно за него.
– Има желба за окрупнување на парламентарното мнозинство и тоа ќе го направиме исклучиво за импичмент на претседателот, ако мораме. Граѓаните се тие што ќе решат дали сакаат промена на името, но ако на референдумот се прифати договорот, никој нема право да го попречува нивното мислење – рече Заев.
На изјавата на премиерот веднаш реагираше кабинетот на Иванов.
– Го повикувам Заев со истото двотретинско мнозинство што е неопходно за менување на Уставот на Република Македонија, веднаш да поведе постапка за утврдување одговорност на претседателот на Републиката, односно импичмент – се велеше во пишаната реакција од претседателот Иванов.
Ова не е прв судир помеѓу претседателот Иванов и премиерот Заев. Пред две години, тогашната опозициска парламентарна група на СДСМ побара утврдување одговорност за претседателот Иванов во врска со неговиот акт за помилување на 56 лица спомнувани во „бомбите“ што ги објави Заев како опозициски лидер.
И наместо кохабитацијата, како „чек и баланс-систем“ врамен со позитивното право, врз основа на негово стриктно почитување, да придонесе за политичката стабилност и меѓусебна контрола на двете извршни власти (Владата и претседателот на државата), во овие судбоносни моменти, таа е причина за дополнителни политички тензии, кои генерираат нова поделеност, внатрешна криза и губење на компасот за движење на стратегиските насоки и на националното опстојување, но и за излез од ќор-сокакот во кој самите влеговме.
Пет причини зошто претседателот Иванов одлучил да не го потпише указот
Прво, вели дека немал мандат да го потпише затоа што во изборната програма од 2014 година навел дека нема да прифати промена на Уставот заради промена на уставното име и не прифаќал идеи што го загрозувале македонскиот национален идентитет, а поддршка за оваа политика му дале 534.910 гласачи.
Второ, според претседателот, спогодбата излегувала надвор од опфатот на резолуциите 817 и 845, затоа што во нив се зборувало за „разлика околу името на државата“, а не за „разлики“, како што стоело во спогодбата.
Трето и четврто, Иванов смета дека спогодбата не била ратификувана во согласност со Уставот, односно со членовите 51, 118 и 119. Во членот 119 се вели дека меѓународните договори ги потпишува претседателот, а може да ги потпише и Владата ако тоа е определено со закон.
И петто, според Иванов, спогодбата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава, односно спрема Република Грција, а за тоа, според членот 308 од Кривичниот законик, следувала казна затвор од најмалку пет години.
– Озаконувањето на оваа спогодба создава правни последици што се основа за кривично дело – порачува Иванов на крајот од писмото.
Димитров: Прашањето за цензусот треба да се изложи на јавна дебата
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во телевизиско интервју најави дека Владата подготвува терен за намалување на изборниот праг на претстојниот референдум, на кој граѓаните треба да се изјаснат за (не)прифаќање на Преспанскиот договор.
– Во тек се политички консултации и со опозицијата. Проблемот е во ажурираноста на избирачкиот список. На минатите парламентарни избори имавме 1.050.000 гласачи што излегоа и гласаа во декември 2016 година. Бидејќи одамна немаме направено попис, според Светската банка, во Македонија постојано живеат околу 1.500.000 граѓани, а во избирачкиот список имаме 1.800.000 граѓани. Нашиот Закон за референдум бара одѕив од 50 отсто плус 1 гласач. Тоа е одредено и во Уставот… Прашањето на цензусот мора да биде изложено на јавна дебата. Мора да се добие сигнал од граѓаните, бидејќи за нив се работи – изјави Димитров.