ПО ИМЕНУВАЊЕТО НА ИЛХАН КЈУЧЈУК ОД БУГАРИЈА ЗА ИЗВЕСТУВАЧ НА ЕП ЗА МАКЕДОНИЈА
Дали и како идниот известувач на Европскиот парламент (ЕП) за Македонија, Илхан Кјучјук од Бугарија, кој доаѓа на местото на Словенецот Иво Вајгл, ќе може да влијае врз нејзиниот пат кон ЕУ. Ова, не само како техничко, туку и како суштинско прашање се поставува во јавноста, пред сѐ, поради зачестените турбуленции во односите помеѓу двете земји, особено поради спротивставените толкувања на обврските од договорот за добрососедство и обидите за наметнување дополнителни услови за зачленувањето на Македонија во ЕУ.
Експерти во земјава со кои се консултиравме се поделени во размислувањата околу оваа прашање. Поранешниот амбасадор Ристо Никовски потсетува дека нашата држава со години дозволува од Грција и од Бугарија да бидат именувани одредени европски институции како надлежни за Македонија.
– Ние од една страна немаме улога и удел во тие номинирања, меѓутоа од друга страна секогаш можеме да приговориме и да бараме други лица да ја извршуваат таа функција. Меѓутоа, тоа никогаш не го правиме, иако Грција и Бугарија дејствуваа секогаш против нашата држава – вели Никовски.
Според него, и со најновото именување на бугарскиот европратеник за известувач за Македонија е иста ситуацијата, на што никој од повиканите во Македонија веројатно повторно нема да реагира. Што се однесува до можното влијание на новоназначениот известувач, Никовски смета дека носителот на оваа функција секогаш има маневарски простор да работи против нашите национални интереси.
– Во конкретниот случај, во моменти кога Бугарија води агресивна политика против Македонија, веројатно е дека ќе се повтори истата ситуација, иако конкретната личност е Турчин по националност – вели Никовски.
Според дипломатот, сепак треба да почекаме ќе видиме како ќе се одвиваат работите и на кој начин ќе дејствува новоизбраниот функционер на ЕП.
Сосема различен став по ова прашање има поранешниот амбасадор во Виена, Огнен Малевски, кој вели дека тоа што политичарот Кјучјук е од Бугарија не мора да значи дека ќе дејствува во согласност со одредени политики на Софија.
Според Малевски, на овие високи европски функции во принцип се избираат луѓе со интегритет, а неговата националност или државјанство не би требало да влијаат на неговата работа.
– На овие позиции најчесто се избираат професионалци што ја познаваат материјата што ќе ја работат и истовремено имаат изградено кредибилитет. На овие позиции во минатото дејствувале дипломати врз основа на свои ставови и врз основа на факти, а не врз основа на тесни политички интереси – истакнува дипломатот.
Тој потсетува дека во меѓународните мисии имало и други политичари што доаѓале од Бугарија, а предмет на работа им била Македонија, и кои немале никакви штетни дејствувања. Како пример ги истакнува дејствувања на шефовите на канцеларијата на НАТО во земјава од кои најмалку тројца досега биле од Бугарија.
Имено, неделава „Јуропиан вестерн Балканс“ информира дека Илхан Кјучјук од Бугарија ќе биде новиот известувач на Европскиот парламент за Македонија. Тој е член на групата Обнова на Европа, претходно позната како Алијанса на либералите и демократите во Европа (АЛДЕ) од која е и неговиот претходник Иво Вајгл. Кјучјук, како член на бугарското Движење за права и слободи, станал европратеник во 2014 година, а на истата позиција е повторно избран и оваа година. Во меѓувреме, тој бил член на комитет на делегацијата за надворешни работи за врски со земјите од Магреб.
Според „Јуропиан вестерн Балканс“, известувачите за Србија и за Босна и Херцеговина, членови на Европската народна партија, ќе бидат избрани в понеделник, а имињата на известувачите за Црна Гора (Тонино Пицула), Албанија (Изабел Сантос) и за Косово (Виола фон Крамон) веќе се објавени во медиумите.