Ако Илинден 1903 година и Крушевската Република, како прво републиканско уредување на Балканот, беа идеја што траеше само десет дена, тогаш нејзината реализација станува стварност со АСНОМ во 1944 година повторно на Илинден во манастирот „Свети Прохор Пчињски“. Идеалите за кои сонувале илинденските револуционери ги реализираат новите илинденски преродбеници што учествуваат на асномското заседание.

На Првото заседание на АСНОМ се донесени повеќе решенија и одлуки што ја конституираат и правно македонската држава. Меѓу нив е Решението за прогласување на АСНОМ за врховно законодавно и извршно тело, како највисок орган на државната власт, како и декларацијата за основните права на граѓаните, нешто како Устав на македонската држава. На АСНОМ е усвоено и решението за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава, со што се поставуваат темелите на македонската јазична посебност и решението за прогласување на Илинден, 2 Август, за државен и народен празник, кој и денес се слави во таа форма.
Од заседанието до македонскиот народ е упатен Манифестот на Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ, како и Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ.

Македонските мечти за слободна и независна држава се собрани во еден ден, Илинден, 2 Август. И 1903 година и 1944 година се годините кога повикот за слободна македонска држава и чувството на асномскиот дух подготвен за борба во победа ги обележуваат и Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ. Токму симболот на Илинден е историски датум на кој се поставени темелите на македонската државност.
Историчарите се согласни дека воскреснувањето на идејата за независна држава и своја самостојна православна црква е неразделен дел од опстојот на посебноста на македонскиот народ.

Според нив, Илинден како национален празник наедно е и темел на македонскиот државно-црковен континуитет.
– Идејата за создавање своја држава уште од 1903 година, со Илинденското востание и Крушевската Република, во себе ја има и идејата за возобновување на својата Македонска црква, наследничка на Охридската архиепископија. Црквите за време на Илинденското востание често биле место каде што востаниците добивале поддршка за својата идеја. АСНОМ, пак, во 1944 година е продолжение на оваа идеја и реализација на сонот за своја држава, тогаш во рамките на Југословенската Федерација, а наедно е и силен промотор и поддржувач на црковниот одбор за создавање православна црква на територијата на Македонија по Втората светска војна, што резултира со нејзино создавање во 1958 година и прогласување автокефалност во 1967 година. Со создавањето своја држава и црква, македонскиот народ го остварува сонот за зацврстување на својата самобитност и посебност на овие балкански простори – објаснуваат историчарите.

Затоа, постојано нагласуваат дека Македонија и МПЦ се заеднички столб на националниот идентитет на Македонците.
По првото заседание, АСНОМ продолжува да работи како прва влада на македонската држава, потоа следуваат други заседанија на кои се нудат важни одлуки за развојот на државата. Едно од нив е да се основа и првиот македонски дневен весник.


Јубилеј слави и првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“

На третата седница на Президиумот на АСНОМ, која била одржана од 2 до 5 септември 1944 година во манастирот „Прохор Пчињски“, била донесена одлуката за основање дневен весник. Веднаш потоа било задолжено Агитациско-пропагандното одделение (Агитпроп) при ЦК КПМ и Главниот штаб да формира и специјална комисија, која ќе го подготвува и ќе го издава овој дневен весник. За името на весникот уште веднаш паднале три предлози – Независна Македонија, Слободна Македонија и Нова Македонија. Најприфатливо било името Нова Македонија, бидејќи истакнувало дека станува збор за нова преродба, нова современа македонска држава, со поинакво општествено политичко уредување, со нови и поинакви принципи и начела на раководење и живеење. Се нагласило дека весникот нема да е еден сувоофицијален орган, кој ќе публикува само заповеди и решенија и ќе излегува само со некоја политичка статија, ами треба да се претвори во широк, масовен лист, да стане истински народен весник. Првиот број излегол на 29 октомври 1944 година во Горно Врановци. Токму оваа 2019 година, во октомври, првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ ќе ја одбележи и 75-годишнината од излегувањето на првиот број.

Фото: Игор Бансколиев

[email protected]