Двајца од организаторите на протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски и Борис Дамовски, најавија дека се враќаат на улиците и се придружуваат на протестите преку кои се бараше слобода за осудените за сторените насилства во Собранието на 27 април. Ова доаѓа на годишнината од упадот во Собранието, кој резултираше со раскрварени функционери, повредени медиумски работници и полицајци, трауми за присутните, демолирано Собрание.
Организаторите велат дека не биле политички изманипулирани во 2017 година, а протестите кои тогаш ги предводеа, ги нарекоа најмирни и најдостоинствени во историјата.
– Предупредуваме дека борбата за вистината нема да престане. Слободата е единствена правда за неправедно осудените. Затоа се придружуваме кон барањата за реотворање на процесот, за оние кои се неправедно осудени, да ја добијат својата слобода, па во фер постапка да се утврди кој за што има вина, а кој е жртва на политичко-судскиот терор во Македонија. Исто колку што е важно секој да си ја добие заслужената казна, многу поважно е целиот македонски народ да ја добие вистината која ја заслужува, откриена таква каква што е. Над 30 илјади граѓани кои се појавија на семакедонскиот протест за правда, стотиците илјади од домовите кои поради околностите поддршката ја дадоа на друг начин, потврдија дека идеите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ се живи. Од нас како едни од иницијаторите на најголемите и најмирни протести во историјата на Македонија, а кои за жал беа злоупотребени, луѓето кои излегоа во неделата и покажаа дека и по сите овие години не се откажуваат од македонското достоинство, правда и слобода, го заслужуваат најголемото признание, благодарност и уважување, еднакво како и иницијаторите на протестите, а тоа се Македонците низ целиот свет – рече Илиевски.
Прашан дали бил политички изманипулиран, тој рече „ние сме доволно возрасни и искусни да не можеме да бидеме изманипулирани од никаква политичка сила. Ние сме излегле на улица и претходно. Не бевме изманипулирани, туку беа злоупотребени протестите кои што беа автентични како реакција на огромен дел на македонските граѓани. Не можете човек кој што си ја сака татковината и на достоинствен начин се труди и повикува да се бориме за права“.