На покана на Македонската добротворна организација (MCWA) и клубот Сиднеј Македонија, поранешниот македонски претседател, Ѓорге Иванов, беше покровител и присуствуваше на неколку настани од добротворен и хуманитарнен карактер кои се одржаа изминатата недела во Австралија, каде што оствари средби и со македонската дијаспора.
На трите гала вечери одржани во Мелбурн, Сиднеј и Волонгог, Иванов упати апел до македонската дијаспора за обединување и единство на сите Македонци во дијаспората како и за поддршка и помош на повозрасните лица од македонската заедница кои живеат во Австралија.
– Грижата за постарите лица е грижа и за сите кои што ќе дојдеме во тоа доба, но и за тоа што тие ни го оставаат како наследство на нашите генерации, како што се мудроста и искуството стекнато со годините – посочи Иванов.
За актуелните случувања во Македонија, Иванов нагласи дека ја следи нивната загриженост во однос на истите, порачувајќи им дека сме издржале многу тешки периоди така што и ова ќе помине и ќе дојдат подобри времиња.
Во тој контекст посочи дека во неговите 10 години како претседател останал на свечената заклетва и ги почитувал Уставот и законите на Република Македонија.
– Работев за заштита на македонските национални интереси и направив се што е во моја надлежности и што дозволуваше оваа функција за нивна одбрана. Би сакал да порачам и дека секој треба да ја почитува волјата на народот која што беше искажана и на последниот неуспешен референдум од 2018-та година. Тоа дава за право да може да бидат во важност одлуките донесени на референдумот од 1991 година, каде граѓаните се изјаснија за независна и суверена Република Македонија – нагласи Иванов, додавајќи дека ова останува основа некоја следна генерација да се избори за враќање на нешто што насилно ни беше одземено.
Организаторите на овие настани му изразија благодарност на поранешниот македонски претседател за тоа што прифатил да биде покровител на настани од ваков хуманитарен карактер и како и за тоа што во текот на својот мандат постојано ги штител македонскиот национален идентитет, македонската култура и традиција.
За време на посетата во Мелбурн, Иванов го посети и училиштето финансирано од Австралиската влада, а во кое наставата се одвива на македонски и на англиски јазик. Имаше можност да разговара со наставниците и со учениците и да им честита за оваа инзворедна мисија која доприесува за зачувување и негување на македонскиот јазик.
Исто така, поранешниот претседател Иванов го посети седиштето на Македонската добротворна организација, како и пензионерите кои ги користат нивните услуги и имаше можност да разговара со секој од нив.
Во Сиднеј, Иванов со своето семејство ја посети болницата Сент Џорџ каде раководството и докторите им се заблагодарија на неговиот личен придонес како и придонесот на сопругата Маја Иванова за помошта во обезбедувањето на средствата со кои што се купени пет скенерот и скенерот за рано дијагностицирање на рак на дојка.
Иванов присуствуваше и на свечен прием што во негова чест беше организиран од страна на актуелниот и на поранешниот градоначалник на општината Бејсајд (поранешна Рокдејл) Џои Авада и Бил Саравиловски.
Иванов имаше можност да се сретне и со претставници на политички партии на федерално и на локално ниво, кои ги застапуваат интересите на македонската заедница во Австралија.
Тој оствари и повеќе средби со преставници на македонската бизнис и академска заедница.
Посетата на Иванов на Австралија заврши на 1 март со средба со Македонците во Сиднеј на настан организиран од страна на фудбалскиот клуб Сиднеј Македонија на стадионот Бансктаун.
Поранешниот претседател на крајот на својата посета им се заблагодари на домаќините за прекрасниот и срдечен пречек и уште еднаш им порача дека секој нивен глас е битен и ако е обединет ќе стигне во Македонија и ќе мора да биде слушнат.
– Да го сочуваме заветот на предците и нашите револуционери, да ја чуваме македонската држава, македонскиот идентитет и јазик, македонската култура и традиција. Бидете обединети и единствени, бидете што поуспешни за да биде и Македонија што поуспешна – заврши Иванов.