Државната комисија за спречување на корупцијата изрази сомнеж за додатоците на плата за уставните судии кои самите си ги изгласале со промена на Деловникот.
Претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања рече дека не може со Деловникот за работа на Уставниот суд, судиите да си го зголемат надоместокот на плата.
– Факт е дека тие работат по Деловник од 1991 година, кој е застарен. Уставниот суд неодамна го променил Деловникот, земал одредба од законите кои ги третираат тие права, но факт е и дека во Уставот стои дека со Деловникот се уредува на начинот на постапување со нивните предмети, а не правата за посебен додаток. Не може нешто да се уредува со Деловник ако тоа што треба да се уреди треба да биде со закон – изјави Ивановска.
Додаде дека Комисијата ќе заседава за оваа одлука на уставните судии.