Фото: Маја Јаневска-Илиева

ТЕСНИТЕ ГРЛА ЛОШИ ЗА ИМИЏОТ НА ДРЖАВАТА

Домашни гости, странски туристи и други патници што со возило се враќаат од Охрид или од Струга кон Скопје се револтирани од долгото чекање, застојот што се создава во сообраќајот и од тесните грла на магистралниот пат Кичево – гостиварска обиколница, што секако фрла лоша слика и за државата воопшто. Возачите велат дека за толку време, изгубено во чекање, се стигнува до која било дестинација, односно дека повеќе време потрошиле во чекање отколку во патување до Скопје или до Солун на пример

Неколку стотини возачи и нивните сопатници во неделата во доцните попладневни и вечерни часови беа нервозни чекајќи во неколкукилометарската колона што се создаде пред здуњската крстосница на западната магистрала Кичево – гостиварска обиколница. Тесното грло се создало уште кај церската крстосница со вклучувањето на возилата од регионалниот пат Дебар – Маврови Анови – Гостивар. Ова ни го потврдија неколкумина гостиварци што се вклучиле во сообраќајот во неделата навечер и долго чекале за да се вклучат во сообраќајот на магистралниот пат, а чекањето потоа дополнително се развлекло уште еден час и повеќе за да ја минат крстосницата.

Домашни гости, странски туристи и други патници, кои се враќаат од Охрид или од Струга, се револтирани од долгото чекање и од застојот што се создава во сообраќајот што, секако, фрла лоша слика и за државата воопшто. Велат за толку време, изгубено во чекање, се стигнува до која било дестинација, односно дека повеќе време потрошиле во чекање отколку во патувањето до Скопје на пример.
Жителите од гостиварските населби Здуње, Равен, Вруток и Речане со овој проблем, пак, се соочуваат секој ден.

– За да се вклучиме во сообраќајот на магистралниот пат од нашите села чекаме по десетина минути, а во шпицовите на денот, особено во овие летни месеци кога печалбарите се дојдени во родниот крај и двојно повеќе – ни објаснуваше Асан Реџепи од селото Равен.

Ако се земе предвид дека има денови кога по овој пат минуваме по неколкупати, може да замислите колку време губиме непотребно. За да се надмине овој сообраќаен проблем, треба да се проектира ново сообраќајно решение, што ќе обезбеди побрзо и побезбедно движење на возилата, велат нашите соговорници.
Токму утрово, од Скопје телефонски ми се јави пријателот Стево Јошески и револтиран ме замоли да напишам текст (без да знае дека веќе работам на темата) за хоророт што неколку стотини граѓани го доживеале пред два дена, во неделата навечер, чекајќи во долга, непрегледна колона за да го минат семафорот на магистралниот пат Кичево – гостиварска обиколница.

– Крајно време е да се разбуди свеста на надлежните и на актуелната власт. Жалосно е да се чека по час-два да се мине еден семафор, а потоа во Скопје да се стигне за двојно помалку време – искоментира мојот соговорник Јошевски. Но како да се надминат овој сообраќаен проблем и хаос, кои особено се присутни во празничните и викенд-деновите, во летниов период кога за неколкупати е зголемена фреквенцијата за разлика од другите месеци од годинава. Во овој период од годината во родниот крај присуствуваат и неколку илјади нашинци, кои се наоѓаат на привремен престој и работа во западноевропските држави и претежно од нив доаѓаат со автомобили.
Во потрага по одговори од надлежните институции и органи за посочениот проблем добивме објаснување од урбанисти и архитекти, на кои оваа проблематика им е добро позната, и кои велат дека уште многу години семафорот на здуњската крстосница, на западната магистрала – гостиварска обиколница – Кичево ќе биде проблем.

Според нив, овој проблем е предочен уште пред дваесетина години кога учествувале во објаснување со надлежните на тогашниот Фонд за патишта на Македонија, кога на населението им ги претставиле трите варијанти, односно трите можни проектни решенија за изградба на автопатот Гостивар – Кичево. Поради немањето средства не се пристапило кон изградба на автопат на гостиварската обиколница. На проектното решение според кое требало да се гради автопатот, на трасата се изградени објекти за бизнис и за домување и гробишта. Според мислењето на поранешните архитекти и урбанисти вработени во Секторот за градежништво на општината Гостивар, кои се вклучени во оваа проблематика, проблемот ќе се реши кога ќе започне да се гради автопатот Гостивар – Кичево.

– Се планираше да се изгради кружен тек и на тој начин да се реши здуњското патно тесно грло, а дотогаш овој проблем ќе биде уште поизразен. Возачите ќе се нервираат, залудно непотребно ќе губат време, пари. Дали надлежните министерства, институции, агенции, ќе го согледаат проблемот и ќе се преземат активности или ќе чекаат да започне изградбата на автопатот Гостивар – Кичево останува нејасно – велат нашите соговорници. Сите тие се согласни дека тесното сообраќајно грло негативно се одразува врз стопанството, во развојот на езерскиот, планинскиот, зимскиот и бањскиот туризам во овој дел на Македонија.


Секој викенд физичка регулација на сообраќајот

Од СВР-Тетово побаравме одговор што преземаат за побрз протокот на сообраќајот на оваа крстосница. За „Нова Македонија“, Марјан Јосифовски, портпарол на СВР-Тетово, даде одговор за проблемот.

– Од почетокот на летната туристичка сезона, полициски службеници на Секторот за внатрешни работи – Тетово, полициска станица Гостивар, секој петок, сабота и недела редовно се присутни на здуњската крстосница и вршат физичка регулација на сообраќајот од 18 часот и 30 минути до 23 часот и 30 минути, со давање предност на минување на возилата што се движат од Кичево кон Гостивар, а потоа повремено се пропуштаат и другите возила, кои кон крстосницата наидуваат по улицата ЈНА. Истото е практика и во другите денови, доколку има поголема фреквенција на возила.Во текот на викендите, исто така, посебно внимание ѝ се посветува и на забраната за движење на тешки товарни возила, во согласност со важечките знаци и прописи. Меѓутоа, како резултат на значително зголемениот број возила по магистралата кон Охрид и Маврово и обратно, повремено се создаваат застои во одвивањето на сообраќајот, посебно во доцните попладневни и вечерни часови.

Секторот за внатрешни работи – Тетово вложува максимални напори да обезбеди непречено и безбедно движење на возилата на целото подрачје, особено и на оваа крстосница – велат од СВР-Тетово.

За привремено, брзо и евтино ублажување на овој проблем, за намалување на времето на чекање пред здуњската раскрсница, според мислењата на стручњаците, потребно е да се направи реконструкција на стариот пат, кој се одделува од близината на мостот на реката Вардар, кај селото Здуње и по него би се движеле возилата за Гостивар, а со тоа ќе се растовари од возила обиколницата.

Инаку, за целосно решавање на овој сообраќаен проблем се потребни огромни парични средства, време и ќе се реши со изградбата на автопатот на гостиварската обиколница од наплатната рампа кај Гостивар, до здуњската крстосница, од каде што треба да се гради автопатот Гостивар – Кичево.