Картичката за е-здравство не се користи, не се воспоставени електронски медицински регистри, лековите често се недостапни за пациентите, а нивниот квалитет тешко се следи, се вели меѓу другото во извештајот на Европската комисија
Република Македонија во областа на здравствената заштита нема никаков напредок, пишува во последниот извештај на Европската комисија (ЕК), кој се однесува на здравјето и на заштитата на пациентите. Во него стои дека, со оглед на тоа дека повеќето од ланските препораки не биле спроведени, државата треба оваа година да се подобри во овие сегменти.
– Во однос на правата на пациентите во прекуграничната здравствена заштита, националното законодавство не е усогласено со европското законодавство. Картичката за е-здравство не се користи и сѐ уште не се воспоставени електронски медицински регистри. Недостигот од пари ја попречува имплементацијата на политиките за јавно здравје. Сѐ уште не се воспоставени регистри на ретки болести и не се правилно финансирани. Дефиницијата за ретки болести треба да се усогласи со меѓународните стандарди. Финансирањето и пристапот до специјализирани знаења за третман на ретки болести останаа ограничени и нетранспарентни и беа оставени на граѓанските организации или на семејствата – стои во извештајот на ЕК.
Националното законодавство за лекови за хумана и ветеринарна употреба е делумно усогласено со европското законодавство. Критериумите за формирање цени за лекови ги одредува Фондот за здравствено осигурување, но лековите опфатени со националното здравствено осигурување се достапни за пациентите само во првите денови од месецот. Треба да се воведат дополнителни мерки за соодветен квалитет и контроли за следење на лековите за хумана и ветеринарна употреба, кои се предмет на паралелна трговија.
Што се однесува на заштитата на потрошувачите, таа делумно е усогласена со европското законодавство, пишува во извештајот, но сепак треба да се зајакне надзорот во однос на прашања поврзани со безбедноста на производите.
– Усогласувањето со општата директива за безбедност на производите и европското законодавство за колективна заштита на правата не е извршено. Државните грантови за организациите за потрошувачи останаа ограничени и покриваат само советодавни услуги и такси за членство во меѓународните организации на потрошувачи, но и покрај тоа потрошувачките организации успеаја да спроведат неколку тематски истражувања, да развијат мобилни апликации, и да издадат голем број брошури и едукативни материјали. Постапката за медијација останува прескапа за потрошувачите.
Ресурсите посветени на заштитата на потрошувачите остануваат ограничени. Надзорот на пазарот во однос на прашањата поврзани со безбедноста на производите треба да се зајакне за да обезбеди ефективна заштита на правата на потрошувачите, како и да се изврши усогласување со европското законодавство во ова поле – забележува EК.
Освен тоа, потребни се значителни напори за подобрување на санитарните и човечките ресурси во здравствените установи за ментално здравје.
– Во однос на исхраната и физичката активност, има преваленција на дебелината кај децата на седумгодишна возраст. За спречување на злоупотреба на дроги и намалување штети, населението на возраст од 17 до 27 години е најмногу изложено на ризик. Најмногу користена дрога е марихуаната. Пристапот до здравствени услуги и финансирањето за инвестиции и персонал за третман на лица со тешки физички и интелектуални пречки е слаб, особено кај ромската заедница – пишува во извештајот.