Додека не ни дојде на глава, не можеме да знаеме, вели една од многуте народни мудрости. Оваа поговорка важи и за закажувањето прегледи во државните установи. За голем дел од прегледите што ги прават пациентите се чека со денови, недели, па и повеќе месеци.
Долги се листите на чекање, покажуваат достапните податоци на интернет-страницата на „Мој термин“. Доколку сакате да се информирате преку интернет-страницата за тоа кога е следниот слободен термин за некој преглед, ќе се изненадите колку е голем и долг редот на чекање.
Иако пребарувањето е лесно, навистина ќе се шокирате кога ќе забележите дека прегледот за кој знаете дека ви е итен и е од голема важност за вашето здравје, е достапен за три месеци. Одбирате на пример биопсија и системот ви покажува каде во Скопје има слободни термини, во колку часот е слободниот термин и во која здравствена установа. Граѓаните се жалат дека мака мачат додека да се прегледаат. Никако не можат да најдат слободен термин, па матичните лекари ги упатуваат со приоритетни упати, со кои исто така се соочуваат со проблеми при преглед.
– Се обидував да закажам за преглед што ми беше навистина итен, но немаше слободен термин никаде во Скопје, па матичната ми даде приоритетен упат. Со приоритетен упат никако не можам да дојдам на ред, затоа што предност имаат закажаните пациенти. Требаше да чекам цел ден, меѓутоа навистина работните обврски не ми дозволуваат да го изгубам целиот ден чекајќи – вели Сузана од Скопје.
Стари и снеможени лица, бремени жени, мали деца, чекаат со денови за да бидат прегледани.
– Се изначекав. И покрај тоа што бев единствена бремена во амбулантата, никој не се солидаризира да ме пушти да бидам прегледана. Знам дека се чека, затоа што некој пред мене уредно си закажал преглед, но кога си бремена, не можеш да ги планираш прегледите. Многу од нив инцидентно се случуваат, кога се случува некоја промена во нашиот организам. Затоа мора да одиме на непланирани прегледи и да чекаме со часови, некогаш па и со денови – вели Марија Г., трудница од Скопје.
Докторите велат дека го разбираат гневот на пациентите.
– Свесни сме за метежот и навистина даваме сѐ од себе за да успееме да ги прегледаме и тие со приоритетен упат – вели докторка од Скопје.
Од „Мој термин“ велат дека во согласност со подзаконските акти поврзани со начинот на упатување, пациентите со упат со повисок приоритет треба да бидат прегледани по завршувањето на прегледите со закажан термин, најмногу во рок од седум дена од издавањето на упатот.
– Начинот на кој во различни установи и специјалности се прегледуваат овие пациенти зависи од ресурсите што се достапни и организациската поставеност во установата – информираат оттаму.