И покрај тоа што низ повеќе делови од Европа во изминатиов период температурите го надминаа 40-от степен, поради што имаше и смртни случаи, метеоролозите смируваат дека барем во скоро време не се очекуваат толку екстремни жештини во Македонија, која засега останува во жолтата фаза. Освен тоа, најавени се и кратки метеоролошки нестабилности поради што се можни и повремени, локални освежувања.
Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи, во периодот што следува целата држава ќе остане со температури од жолта (предупредувачка) фаза, максималните температури насекаде ќе бидат над 30, а на повеќе места ќе го надминат и 35-от степен.
– Наредниот период нѐ очекува доста топло време, со температури од 32 до максимални 39 степени. Според нашите прагови, врз база на долгорочните статистики, сега засега не се очекува да влеземе во портокалова фаза. За да се дојде до портокалова фаза треба температурите да го надминат 40-от степен, а додека жолтата фаза е до 39 степени. За разлика од оваа година, во минатото сме имале екстремни температури што биле карактеристични за месец јули. Досега највисоката температура што ја имаме измерено во јули во Скопје изнесува 43,4 степени, а во Демир Капија 45,7 степени. Според сегашните податоци, не се очекуваат вакви температури во овој месец – велат од УХРМ.
Претходно, Министерството за здравство излезе со апел до граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури: да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, да носат светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да носат заштитни очила и капа, да консумираат лесна храна и течности, особено да се внимава при приготвување и консумирање на храната, како и да се избегнуваат термички необработени производи, на пример мајонези од домашни јајца и внимателно да се консумираат сладолед и разни кремови.