Министерката Царовска на состанок со директорите на ученичките и студентски домови
Сместувањето во ученичките и студентските домови тече во најдобар ред согласно планот и протоколите за сместување во овие установи. За овие и за други важни теми денеска министерката за образование и наука, Мила Царовска, разговараше на редовен координативен состанок со директорите на домовите.
– Протоколите се почитуваат максимално од страна на учениците, студентите и персоналот. Засега немаме трансмисија на вирусот во домовите. Се надеваме дека со одговорно однесување заеднички на сите, домовите и интернатите ќе останат безбедни – рекоа директорите на состанокот.
Министерството за образование и наука ги објави листите со примени студенти од втора и повисоките години на студии во студентските домови, а аплицирањето за бруцошите започна вчера.
Студентите кои се наоѓаат на објавените листи можат да се вселат во студентските домови по потпишување на договор со домот во кој се примени. Договорот е потребно да го потпишат најдоцна во рок од 10 дена од објавата на резултатите. Додека, приговори по однос на резултатите се доставуваат до Министерството за образование и наука („ул. Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, Скопје), заклучно со 10 септември 2021 година.
Аплицирањето за студентите од прва година на студии започнува на 6 септември и трае до 24 септември 2021 година. За бруцошите се предвидени 1.249 места во студентските домови.