Владата формира работна група која треба да изготви законски измени за намалување на севкупните трошоци во структурата на извршните решенија.
Како што соопшти денеска премиерот Зоран Заев, предвидено е постојните 42 тарифи во извршителските служби да се намалат на десетина, да се отстранат дополнителните адвокатски трошоци, а побарувањата за комуналните услуги да ги наплаќаат самите претпријатија.
Секој треба да се откаже од нешто, порача Заев, зашто Владата и службите, извршителите и нотарите, постојат и работат заради граѓаните и треба да се има чувство за нивната социјална состојба.
– Убеден сум дека можеме да успееме. Ако посветено работиме можеме да изнајдеме решение за вакви горливи проблеми. Но, од еден дел од своите приходи треба да се откажат и нотарите и државата. Голем број од нашите граѓани имаат проблеми дури и за долгови од 2003, 2007 година, со огромни камати, рече Заев на прес-конференцијата по Економско-социјалниот совет.
За координирање на работната група е задолжен потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, а во неа учествуваат претставници од секторите правда, финансии, труд и социјална политика.
Премиерот во овој контекст информира и дека заедно со опозицијата претставена преку неколку пратеници е покрената иницијатива за изготвување законско решение за отпишување на каматите за струја за голем број граѓани.
– Утре го имам првиот работен состанок со тие пратеници и претставници од институциите во државата. Ќе се обидеме заедно да помогнеме преку одредено откажување од каматите на соодветни институции, вклучително и приватни и со државна интервенција да помогнеме на граѓаните, потенцира Заев.