Премиерот Зоран Заев упати честитка по повод Меѓународниот ден на жената, 8 Март.
– Избирам да предизвикам да ја менуваме културата на третманот кој жените го имаат во нашето општество. Се придружувам во повикот Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот ‘Јавна соба’, кој претставува кривично дело во кое огромен број жени се жртви на родово засновано насилство. Немаме повеќе ни минута за губење. Жртвите мора да бидат заштитени – потенцира Заев во честитката.
Истакна дека како премиер, ќе ги повика владините надлежни институции да ги забрзаат измените во законската регулатива, сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик со мерки за итно постапување на овие случаи.
– Да оневозможиме идни Јавни соби – истакна Заев.
Во борбата за родово еднакво општетство тој го посочи примерот со неговиот кабинет, каде, како што објасни, повеќе од 70% од местата се жени или девојки, а на раководните места повеќето се жени.
– Политичкото и економското зајакнување е одговорот на напредните демократии, општество какво што тежнееме да сме ние. Избирам да предизвикам да создаваме услови жените да се таму каде што се носат одлуките. Честит 8 Март, за родово еднакво општество – вели премиерот Заев, во честитката по повод Меѓународниот ден на жената.