Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за правда Бојан Маричиќ и претседателот на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев, денеска одржаа заедничка прес-конференција на која ги претставија резултатите од процесот на системска дигитализација на судството.
Заев истакна дека дигитализацијата е меѓу врвните приоритети, односно порача дека овој процес треба да биде приоритет за сите министри, директори, градоначалници, како и за сите одговорни луѓе во правосудството.
– На овој начин граѓаните заштедуваат време и пари. Нема повеќе чекања по шалтери, ниту патувања по други градови за да се добие документот. Од денес по електронски пат ќе се вади потврда од казнената евиденција. Набрзо ќе се почне и со услугата за потврда за кривична, како и уверение дека против лицето не е изречена санкција – забрана за вршење на професија, дејност или должност. Сите овие уверенија им се потребни на граѓаните за вработување, доколку сакаат да добијат виза или работа во странство, како доказ дека немаат сторено кривично дело. Дополнително, доколку некое лице сака да се јави на тендер, ќе мора да има ваква потврда. Сите овие нови услуги ќе бидат достапни на сајтот е-услуги – истакна премиерот.
Со ова, како што рече, заминуваат во историја постапките за вадење на потврди од казнена евиденција во хартиена форма за кои беше задолжително физичко присуство во надлежниот суд според местото на раѓање.
– Овие потврди се првите електронски документи создадени согласно закон, кои ги издава судската власт. Со оваа активност судот започна да ја применува регулативата на ЕУ. Пресметките се дека со воведување на овие услуги, судовите ќе направат заштеди изразени во милиони евра, кои ќе можат да ги инвестираат во генерално подобрување на нивната работа – истакна Заев.
Тој најави дека ова е почеток на дигитализацијата на услугите за граѓаните што ги добиваат преку судскиот систем по што ќе следува и опремување на стотици судници во земјата и воведување најсовремена информатичка технологија во сите 34 судови во земјата.
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, изрази задоволство од првите резултати од, како што кажа, макотрпната работа на овој исклучително важен процес.
– Начинот е брз, а процедурата едноставна и сигурна. Анализите покажуваат дека со воведувањето на информатичката технологија заштедите на судовите ќе бидат огромни. Ќе се штеди на ресурси и хартија. Токму затоа дигитализацијата има и еколошка димензија, а во светот овие процеси се дел од таканаречена зелена-дигитална трансформација на општествата – истакна Маричиќ.