Македонија и Албанија ќе ја засилат соработката за управување со светското и културно наследство во Охридскиот Регион. Откако со консензус беше донесена одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, Охридскиот Регион да не биде впишан на листата на светско наследство во опасност премиерот Зоран Заев се огласи на социјалните мрежи.
Вели дека одлуката е признание за напредокот за зачувување на вредностите на Охридскиот Регион, но и најсилно предупредување дека сите мораме да се вложуваме и постојано да го штитиме охридското, македонското, светското наследство.
– Во периодот што претстои, заедно со Албанија, ќе ја засилиме соработката и координацијата со Центарот за светско наследство и советодавните тела на УНЕСКО, како и со Европската Унија и другите стратешки партнери, со цел соодветна рехабилитација и за бескомпромисна имплементација на Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион.
Северна Македонија продолжува со исполнување на препораките на УНЕСКО и одлуките на Комитетот за светско наследство и во соработка со општинските власти во Охрид, Струга и Дебрца и со граѓаните, ќе продолжиме да работиме посветено во таа насока – потенцира Заев.
Додаде дека нашето природно и културно наследство треба да го предадеме и на идните генерации, па затоа мора да биде заштитено. Премиерот е дециден дека со заштитата според највисоките стандарди од препораките на УНЕСКО за Охридско-струшкиот Регион се подобрува и квалитетот на живот на граѓаните и се афирмира владеењето на правото.