Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев вечерва пред седницата на Извршниот одбор на партијата одговарајќи на прашање за можни предвремени парламентарни избори вели дека не сака да влијае на одлуките на мнозинството и оти пред се треба да се има одговорност пред државата.
– Вечерва Извршниот одбор ќе дискутира. Направивме анализи, истражувања, разговаравме со меѓународните партнери, со општинските организации, Централниот одбор дебатираше и даде насоки уште пред неколку седмици. Јас верувам дека вечерва ќе донесеме одлука, која официјално ќе ја соопштиме преку вас новинарите до граѓаните, изјави Заев.
На седницата на ИО на СДСМ се очекува да стане збор и за кандидатот за претседател на државата. Заев не ја исклучи можноста тоа да биде консензуален кандидат, за што, како што најави, ќе се разговара не само со коалицискиот партнер ДУИ, туку и со другите партии.
– Се работи за претседател на државата, првата функција во државата. Верувам дека имаме шанси да успееме. Во најмала рака нема да изгубиме ништо ако се обидеме. Може ќе успееме можеби не, но јас верувам дека треба да се обидеме да успееме заради тоа што и концептот едно општество за сите го градиме преку многу алатки. Една од алатките е токму таа како се поставуваме спрема луѓето, спрема функциите и слично. Јас верувам дека политичките субјекти пред се одговорноста на коалиционите политички субјекти треба да биде на повисоко ниво. Ако го тераме овој концепт навистина да смогнеме сили, да собереме енергија сите и да застанеме зад кандидатот зад кој би застанале и граѓаните , рече Заев.
На седницата на Извршниот одбор на владејачката СДСМ се очекува да стане збор и разговорите и за менување на името на партијата како последица од постигнатиот договор со Грција.
Запрашан за коментар во врска со актуелните случаи на вработувања на деца и роднини на функционери и пратеници во државни и општински институции и компании премиерот Зоран Заев потенцираше дека тие ќе бидат разгледани и доколку има одредени неправилности и протекционизам ќе биде побарана одговорност.
Ќе направиме анализа, рече премиерот, ќе ги видиме постапките и секаде каде што има привилегии, протекции или било какво влијание секако ќе бараме полекување. Зборуваме, вели Заев, за дваесеттина места од 40.000 на пример работни места или еве нека се 25.000 во јавни институции општински, државни и акционерски друштва, јавни претпријатија и слично , но и да се работи за две места треба тоа да биде транспарентно.
-Веројатно имаме и слабости при нашето функционирање и затоа реков ќе побараме одговорност ако некаде тоа вработување е направено на несоодветен, незаконски начин. Не е доволно, потенцира тој, само да се повлече или раскине договор, ако било прекршено некое законско правило, туку тој што го прекршил законот да одговара како што е пропишано, рече Заев.