Претседателот на Владата Зоран Заев присуствуваше на пригодната свеченост по повод пуштањето во употреба на пречистителната станица за отпадни води во Кочани.
На настанот присуствуваа и амбасадорката на Швајцарија во нашата земја, Сибил Сутер Тејада, заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, и други претставници на општината.
Заев истакна дека пречистителната станица за отпадни води во Кочани е една од најголемите инвестиции во Кочани во последните 50 години, и воедно најголемата донација на Одделот за економска соработка и развој на Швајцарскиот државен секретаријат за економски работи во Република Македонија вредна 21 милион швајцарски франци.
– Во име на овој факт ја изразувам нашата голема благодарност до Владата на Конфедерацијата Швајцарија, која континуирано и дарежливо учествува во развојот на многу области во нашата земја – нагласи премиерот Заев.
Тој додаде дека пречистителната станица е една од најголемите во регионот, со капацитет од 65.000 еквивалент жители, со можност за приклучување и на соседната општина Виница. За таа цел од буџетот предвиден за пречистителната станица беа издвоени 180.000 франци за изработка на физибилити студија, со која се потврдува можноста за техничка изводливост за приклучувањето на Виница во овој проект и со претходно издвоените 300.000 франци од буџетот на Кочани и со учеството на 1,8 милиони швајцарски франци на Министерството за животна средина и просторно планирање, е формирано учеството на граѓаните на нашата земја во изградбата на овој објект од извонредно значење за двете општини и за регионот.
Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, во своето обраќање истакна дека овој значаен објект потврдува дека заштитата на животната средина е на врвот на приоритетните активности на Владата на Република Македонија.
Амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Тејада, го изрази задоволството што присуствува на пуштањето на пречистителната станица во Кочани како објект во кој е вложен најголем грант од долгорочната стратегија за соработка помеѓу двете земји, дека тоа задоволство е уште поголемо и заради ефикасноста со која е изградена станицата, дека со овој проект граѓаните на Кочани и на регионот го остваруваат сонот за чиста Брегалница како река од чии води се наводнуваа плодните полиња до Штип.
Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, ја потенцираше можноста за приклучување на соседната општина Виница и на околните места кон пречистителната станица, со што ќе се придонесе за намалување на цената по единица жител и ќе се зголеми искористеноста на станицата.