Премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска остварија средба со група офицери кои се вратија од мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан.
Како што информираат од владината прес-служба, премиерот Заев истакнал дека припадниците на нашата Армија се гордост за државата и со својата висока професионалност се посакуван партнер во меѓународните мисии.
– Сега сме членка на НАТО. И како рамноправен партнер споделуваме одговорно во придонесот за зачувување на светскиот мир. Вие ја претставувате нашата земја во најдоброто светло што е исклучително важно – кажал Заев.
Министерката за одбрана Шекеринска истакнала дека нашата држава дава значаен придонес со учеството во меѓународните мисии и дека досега се испратени над 4.000 војници.
– Ми претставува задоволство што нашите офицери успешно ја извршија мисијата. Ова претставува огромно искуство за нашите офицери. Од овие мисии се профилираат нашите најдобри професионалци – нагласила Шекеринска.
Штабните офицери, кои се вратиле од Мазар е Шариф и биле распоредени во рамките на Командата за обука, советување и асистенција – Север, истакнале дека нашите војници и офицери се ценет и доверлив партнер во меѓународните мисии.
Воедно на средбата било нагласено дека останува посветеноста за натамошно учество во постојните и нови меѓународни мисии, а учеството на припадниците на АРМ во мисијата „Одлучна поддршка“ во Кабул, продолжува сѐ до нејзиното завршување.