Исправени, полни со гордост, ја одбележуваме 78 годишнината од државниот празник „11 Октомври – Ден на народното востание“, застанати рамо до рамо, заедно повеќе генерации, заедно со нашите борци и борки, учесници и сведоци на големиот историски настан со кој беше означен почетокот на востанието на македонскиот народ, и на сите други граѓани во нашата земја, против злото наречено фашизам, со овие зборови премиерот Зоран Заев го започна своето обраќање на свечената програма за одбележување на празникот во Куманово.
Заев нагласи дека на 11 октомври во 1941 година, во Куманово и во Прилеп бил означен почетокот на завршните процеси за впишување на македонска држава на мапата на народите на светот.
– Тоа утро, во Прилеп и Куманово пламна искрата на борбата, на отпорот, на стремежот нашата земја да биде дом на слободата, победник над окупацијата. На тој начин, малата земја, тогашна Македонија, стана едно со светскиот победнички сојуз на државите што се кренаа против фашизмот. Храбрите борци и борки со својот херојски и епски гест порачаа дека идните генерации државноста и слободата никогаш не смеат да ја изгубат или да ја доведат во прашање. 78 години овој завет е жив и никогаш нема да биде заборавен – истакна премиерот.
Тој нагласи дека нашата држава е создадена како дом на слободата за сите нејзини граѓани, како едно општество на сите и за сите.
– Пред 78 години борците од НОВ ја отпочнаа борбата за слобода и ја добија слободата. Нашата генерација, на свој начин ја повтори таа борба, и еве ја повторно слободата – ја живееме, ја уживаме. Слободата нека ни биде инспирација да си помагаме едни на други, да работиме на еднаквоста и солидарноста, да ја чуваме околината, да градиме системи што ќе останат, да им служиме на своите граѓани, да се почитуваме. Тоа е современиот патриотизам. Тоа е европската иднина за Северна Македонија – посочи Заев.
На свеченостите во Куманово се обратија претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борците, доктор Никола Стојановски. Тој потсети на херојскиот подвиг на неговите соборци и соборки во епопејата на Народно-ослободителната војна означена со почетокот на 11 октомври во 1941 година.
– Нашата земја, нашиот народ, во содејство со другите народи од поранешна Југославија, заедно со сојузниците од светската антифашистичка коалиција, може да биде горда. Меѓу првите во Европа застанавме на вистинската страна против најголемото зло – фашизмот. Така ја создававме државата преку АСНОМ, нејзиниот темелник, до завршните здружени операции во 1945 година. Никогаш да не ги заборавиме спомените и спомениците на славната борба, на Епохата на оваа победничка земја и никогаш да не го забораваме делувањето на Сојузот на борците – истакна во својот говор Стојановски.