Фото: Игор Бансколиев

На Факултетот за безбедност во Скопје се одржа научно стручна конференција „Женското лидерство во областа на безбедноста“, на која преку учество на раководители и експерти од областа на безбедноста се дискутираа предностите и слабостите на женското лидерство во безбедносните органи и институции во земјата.

Конференцијата ја отвори министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, а говореа и претседателката на Комора за обезбедување на РСМ, Верица Милеска Стефановска, професорката на Факултетот за безбедност Марина Малик Саздовска, претседателката на Националниот совет за родова рамноправност, Савка Тодоровска, претставници на UN WOMEN во земјата, деканот и продеканот на Факултетот за безбедност-Скопје Никола Дујовски и Марјан Ѓуровски, претставници од Министерство за внатрешни работи, Министерството за одбрана, како и други институции од земјата.

Повикувајќи се на Резолуцијата 1325 на Обединетите нации, донесена во 2000 година, со која се афирмира улогата на жените во областа на одбраната и безбедноста, министерката Мила Царовска истакна дека таа одигра голема улога во начинот на кој меѓународната заедница пристапува кон спречување и решавање на конфликтите и ја промовира родовата еднаквост и зајакнувањето на жените како фактор за меѓународен мир и безбедност.

– Сметам дека Македонија направи исчекор со тоа што постави жена на чело на Министерство за одбрана, и тоа покажува едно стремење на државата во делот на политичка волја да се доближиме кон европските и развиените земји, затоа што таа тенденција ја гледаме постојано во европските земји. Резолуцијата 1325, која е всушност резолуција за мир укажува на тоа дека учеството на жените во безбедносните структури како свет ќе ни донесе повеќе мир и повеќе трезвеност во донесувањето на одлуките, а со тоа се руши и стереотипот дека жените не знаат да носат одлуки, дека жените се плашат, но тоа не треба да се сфати на тој начин, затоа што кога жените ги носат одлуките, ги носат за да создадат мир, а не војна – истакна Царовска.

Според министерката Царовска треба уште многу да се работи за да може родовата еднаквост во нашето секојдневие да стане видлива.

За продеканот на Факултетот за безбедност-Скопје Марјан Ѓуровски, предизвиците со кои се соочуваат жените работејќи во безбедносните служби се огромни. Тие опфаќаат најразлични ограничувања поврзани со начинот на прием, усовршување, напредување и така натаму.

– Се уште е присутно она непишано правило, кое вели дека најголем број од жените вработени во армијата и полицијата можат да напредуваат само до одредени нивоа и дека машките се подобри раководители од жените. Често се замерува на жените дека тие не се способни да ги синхронизираат професионалниот и приватниот живот и тоа им се одразува врз напредувањето на работата, а често може да доведе и до напуштање на службата – потенцира Ѓуровски.

Според професорката на Факултетот за безбедност-Скопје Марина Малиш Саздовска, лидерството во безбедносните органи има една посебна специфика, а тоа е принципот на хиерархија и сокоординација која што владее во безбедносните органи и која ги одвојува од оние останатите во однос на кариерата и напредокот.

– Бидејќи во принцип се смета дека ова е машка професија, оттука и развојот на кариерата на жените има една специфика, во тоа дека се застапени во делот на оперативното работење, но во делот на раководење со оперативните единици се застапени во многу мал дел и многу мала бројка – заклучува Малиш Саздовска.

М.К.