Фото: Игор Бансколиев

„Движењето за чист воздух“, со поддршка на повеќе различни граѓански иницијативи и здруженија денес спроведе кратка 15-минутна блокада на влезот на скопската депонија „Дрисла“.

Од движењето апелираа до надлежните институции, како што се градот Скопје, Министерството за животна средина, но и до премиерот Заев и ОЈО сериозно да пристапат кон проблемот со загадувањето и побараа одговори на повеќе прашања во врска со ситуацијата со загадувањето во главниот град.

– Бараме надлежните да ни одговорат што се гори во печките на Дрисла, каков отпад се складира и каков е третманот на овој отпад, дали се запазуваат законите и стандардите согласно европските регулативи и дали се увезува отпад од други земји – истакна директорот на детската амбасада „Меѓаши“ Драги Змијанац.

Активистите дополнително побараа целосно стопирање на увозот на отпад во Македонија и го повикаа премиерот Зоран Заев властите да го променат законот за увоз на отпад во земјата.

– Забраната за увоз на отпад во Македонија значително ќе придонесе до намалувањето на нивото на загадувањето, особено во Скопје. Има сериозни индиции дека Дрисла е една од главните причини за загадувањето на воздухот, а од друга страна нема транспарентност за тоа каков отпад се увезува од странство и што се согорува во Македонија. Сите мерки кои се преземаат против загадувањето ќе бидат само козметички, ако не се забрани увозот на отпадот – истакна Аријанд Џафери од „Еко-герила“ од Тетово.

Џафери дополни дека Македонија нема капацитет да се справи со сопствените количини на отпад, па така увозот на отпад од земјите од ЕУ остава сомнежи за корумпираните врски и можни имплпикации за интересите на мафијата. Тој дополнително побара и од ОЈО да се испита оваа активност, без да има влијание на бизнис интересите и на политиката.

Настанот го поддржа и невладината „Мајка и дете“, а од блокадата е порачано дека доколку не се пристапи сериозно кон барањата, ќе се организираат помасовни протести. П.С.