Најновото глобално истражување на ставовите на луѓето кон науката откри голема криза во поглед на довербата во вакцините во Европа. Податоците покажуваат дека 59 отсто од луѓето во Западна Европа и 50 отсто од луѓето во Источна Европа сметаат дека вакцините се безбедни, во споредба со светски рамки, каде тој процент изнесува 79 отсто, пренесува „Гардијан“.
На глобално ниво, 84 отсто од луѓето мислат дека вакцините се ефективни, а 92 отсто велат дека нивните деца се вакцинирани. Но, и покрај добрата здравствена заштита и квалитетни образовни системи, во делови од Европа постои многу ниска доверба во вакцините. Во Франција, нивното на недоверба е највисоко и изнесува 33 отсто.
Во повеќе европски земји имаше големи епидемии на мали сипаници (морбили), кои потоа се проширија низ целиот континент, а бројни здравствени експерти сметаат дека токму недовербата во вакцините е главната причина за тоа.
Според податоците објавени на Би-би-си, во кои е вклучена и Македонија, само 54 отсто од жителите на земјава се согласуваат дека вакцините се безбедни, 61 отсто од испитаниците велат дека вакцините се ефективни, додека 81 отсто од анкетираните одговориле потврдно дека вакцините се важни за децата. На прашањето „дали вашите деца се вакцинирани“, 96 отсто од родителите во Македонија кажале дека нивните деца се вакцинирани од една или повеќе болести.
Кога станува збор за генералната доверба во научниците, 23 отсто од испитаниците во Јужна Европа рекле дека имаат висока доверба, додека во Македонија само пет отсто од луѓето имаат висока во научниците. Во нашата земја, 43 отсто имаат средна, 36 отсто ниска, а 15 отсто немаат став за работата на научниците.
Според истражувањето, луѓето со поголема доверба во научниците, лекарите и медицинските сестри имаат тенденција да се согласат дека вакцините се безбедни. Спротивно на тоа, тие кои неодамна барале информации за наука, медицина или за здравје, се чини дека во помала мера се согласуваат со констатацијата оти вакцинирањето е безбедно за децата.
Извештајот не ги истражува причините зад ниската доверба во вакцините, но истражувачите сметаат дека се вклучени повеќе фактори, како што се незаинтересираноста на родителите, можните несакани ефекти или дезинформациите кои се шират на Интернет, кои често не се базирани врз факти.