Стратешкиот дијалог за унапредување на прогресивните и напредни решенија за предизвиците со кои се соочува Македонија и регионот, продолжува и попладнево во Охрид во присуство на потпретседателот на Владата, Кочо Анѓушев, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и министерот за економија Крешник Бектеши, посебниот советник на премиерот Зоран Заев и Главен технички преговарач за ЕУ, Бојан Маричиќ, како и голем дел на дипломати од НАТО и ЕУ.
Темите на дискусиите се насочени кон евроатланските аспирации на земјава, како и кон стратегијата за реформи кои ги презема Владата во оваа насока.
Дискутантите се сложија дека евроатланските интеграции обезбедуваат сигурност за домашните бизниси и стремат кон групирање на своите капитали и ресурси. Конечната цел на ваквиот тренд треба да биде лесна адаптација и брза интеграција во тековните бизнис процеси во кои се вклучени членките на НАТО и на ЕУ.
Отвореноста на европскиот пазар, како и безбедносните гаранции кои ги нуди членството во НАТО овозможуваат формирање на нови бизнис идеи, како и создавање на нови работни места посебно за младата популација. На оваа тема беше дискутирано и за мигрантските трендови помеѓу младите луѓе, кои не се загрижувачки тренд само во Македонија туку и во цела југоисточна Европа.
Имајќи ги овие индикатори предвид потребно е развивање на сеопфатна стратегија која би ги задржала младите луѓе во нивните татковини преку отворање на горе споменатите перспективи што е можно побргу.
Охридскиот дијалог кој е во организација на Охридската група, Владата на Република Македонија и Атланскиот совет, продолжува во текот на целиот викенд.