Дванаесетта година едноподруго фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделува стипендии за најдобрите студенти на Медицинскиот и на Фармацевтскиот факултет, а годинава првпат има петмина првенци на генерацијата со просек 10
Фондацијата ,,Трајче Мукаетов“ и годинава им додели стипендии на студенти на Медицинскиот и на Фармацевтскиот факултет. Доделени им се вкупно 42 стипендии на талентирани и амбициозни студенти на овие два факултета.
– Искрено ме радува прикажаниот просек на првенците годинава. Првпат фондацијата има петмина првенци на генерацијата, сите со просек 10. Eден од нив веќе од идниот месец ќе ја започне својата кариера во „Алкалоид“ – рече Живко Мукаетов, генерален менаџер на „Алкалоид“.
Ректорот на скопскиот универзитет проф. д-р Никола Јанкуловски истакна дека десетти пат е присутен на доделувањето на овие стипендии, седум пати како декан и трипати како ректор на универзитетот.
– Медицинскиот факултет и Фармацевтскиот факултет се најдобри и имаат една изразена соработка со „Алкалоид“ уште од формирањето. Поддршката на фондацијата е навистина значаен придонес во подобрувањето на здравствениот систем на нашата земја. Соработката меѓу „Алкалоид“ и УКИМ има нова димензија. Наградувањето од овој вид на младите таленти, многу значи и за самите нив и за универзитетот- рече ректорот.
Проф. д-р Соња Топузовска, деканката на Медицинскиот факултет, рече дека ѝ е драго што 12-та година едноподруго се доделуваат стипендии.
– Стипендиите им се доделени на 20 наши студенти во трета и во четврта година. Оваа наша водечка фармацевтска компанија се обидува да ги задржи студентите да продолжат да работат во сопствената држава, што е за поздравување. Затоа сево ова е од исклучително значење – рече деканката.
И нејзината колешка проф. д-р Светлана Кулеванова се согласи дека ваквиот вид мотивирање на најдобрите, е многу важно.
– Стипендиите се од големо значење со оглед на тоа дека како дел од здравствениот систем, сите ние се трудиме максимално да придонесеме. Политикантството што го овозможува „Алкалоид“ е можност што е добра за нашите студенти, зашто едно е да се работи во лабораторија на факултет, а друго е во реалноста да се види како се работи, да се стекнат практични знаења и искуства. Се надевам дека соработката со „Алкалоид“ ќе продолжи – истакна Кулеванова.