Oпозицијата со предлог за 300 милиони евра заштеда при
снабдување со енергенти
По објавата на премиерот Димитар Ковачевски за плановите на Владата за справување со енергетската криза, односно за снабдувањето со енергенти за претстојната грејна сезона, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на брифинг со претставници на медиумите ја повтори понудата за споделување контакти од енергетски компании од Западна Европа, преку кои би можело да се добијат енергетски ресурси со заштеда од 300 милиони евра. Мицкоски истакна дека клучната поента на неговиот предлог до Владата е добивање дополнителни количества електрична енергија од домашно производство, добиени со користење евтин ресурс за стопанството и економијата, за да може бизнисот да се развива, а работниците да ги задржат своите работни места, дополнителни количества топлина за да може скопјани и сите корисници на централното греење во главниот град Скопје да не плаќаат повисоки сметки за затоплување на нивните институции и домови. Оваа заштеда би придонела за зголемување на бруто-домашното производство, преку организирање на домашното производство и домашните енергетски комбинати да можат да произведуваат за потребите како на граѓаните, така и на индустријата. Притоа, Мицкоски нагласи дека треба брзо да се реагира со остварувањето контакти со компаниите од Западна Европа за снабдување со енергенти, зашто берзанската набавка на енергенти за октомври завршува со крајот на септември.
– Сега е време за одговорност, сега е време како да им помогнеме на граѓаните, како да ѝ помогнеме на Македонија – истакна Мицкоски. Ј.П.
Исплата за млекарите
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира млекопроизводителите дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР) ја реализира исплатата кон млекопроизводителите за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко во периодот март, април и мај 2021 година.
Во согласност со пријавените предадени количества од страна на регистрираните преработувачки капацитети до 6.396 млекопроизводители се исплатени вкупно 153.224.548 денари.
Како корисници на оваа поддршка се јавуваат земјоделски стопанства регистрирани како одгледувачи на говеда, овци и кози во Регистарот на одгледувалишта. Висината на директните плаќања изнесува 3,5 денари по литар произведено и предадено кравјо млеко и 4,5 денари по литар произведено и предадено овчо и козјо млеко во преработувачки капацитети запишани во регистарот на откупувачи на земјоделски производи.
Дополнително, АФПЗРР започнува со подготовка на налозите за исплата кон млекопроизводителите за произведеното и предадено млеко во период јуни и јули 2021 година.