Нема недоразбирања и нема заобиколувања. Должност на нашите дипломатски претставници во странство е да бидат во постојан контакт и да се стават на услуга на високите претставници кога гостуваат во тие земји, изјави државниот секретар на МНР, Виктор Димовски, на денешната прес конференција одговарајќи на новинарско прашање по поплаката на министерката за одбрана Радмила Шекеринска за игнорантскиот однос на амбасадорот Васко Наумовски за време на нејзината неодамнешна посета на САД.
Државниот секретар беше прашан дали не станува збор за мешање на ингеренциите на министерската за одбрана во работата на Министерството за надворешни работи, особено што медиумот имал сознанија дека слични случаи имало и во македонските амбасади во Стокхолм и Анкара.
-Во постапка и во договор со министерот Никола Димитров амбасадорот Наумовски ќе биде повикан на консултации во земјата, при што во соодветна постапка ќе бидат утвреди сите факти од овој случај – рече Димовски.
Министерката за одбрана пред неколку дена во емисија на една телевизија изјави дека била изненадена од фактот дека не била пречекана и придружувана од амбасадорот Наумовски за време на нејзината посета на Вашингтон, забележувајќи дека во еден момент стекнала впечаток дека Македонија нема амбасадор во САД.
Запрашан за вчерашната изјавата на турската амбасадорка за учениците од „Јахја Кемал“, Димовски кажа дека се таа изјава се разгледува, по што МНР ќе излезе со став.