Секој килограм произведен тутун од реколтата 2019-та ќе биде откупен, кажа на денешната прес-конференција, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.
Досега 93,4 отсто од произведениот тутун е откупен, а до крај на месецот, додека е и законскиот рок остануваат уште околу 7 отсто тутун за откуп, којшто во целост ќе биде откупен.
– Тутунарите нема да бидат оставени на цедило. Ги повикувам тутунопроизводителите да не потпаѓаат под манипулации, затоа што откупот законски трае до 29-ти февруари, а се очекува овие седум отсто да се откупат и пред рокот, за десетина дена. Просечната откупна цена во моментов е 220,8 денари за килограм што е највисока просечна откупна цена досега. Лани беше 214,2 денари за килограм, а во 2017-та просечната откупна цена беше 217, 5 за килограм. Во 2015-та година просечната откупна цена беше 184 денари за килограм, а во 2016-та, 196,8 денари. Ако се вратиме во 2014-та просечната откупна цена била 117,2, што е најниска просечна откупна цена од 2006 наваму – изјави министерот Димковски.
Притоа, Димковски посочи дека од 2017-та година, во овие три реколти дури над 30 отсто од тутунот е проценет на прва класа. За споредба, во однос на проценката на тутунот, во 2015-та само 12 отсто од тутунот бил проценет како прва класа, а во 2016-та година, само 16 отсто.
– Вредноста на откупениот тутун во моментов е над 5,4 милијарди денари, што е двојно повеќе од 2014-та, кога вкупната вредност на откупениот тутун била само 2,9 милијарди денари. Сите овие податоци се доволен доказ за домаќинското и одговорно работење на министерството, во овие две и пол години, тутунопроизводителите знаат кој вистински се грижи за оваа стратешка гранка – потенцираше министерот Димковски на денешната прес-конференција.
Беше истакнато и дека државниот инспекторат за земјоделство има засилени контроли на терен, и доколку се утврдат неправилности при откупот, ќе следат казни за тутунските компании, за да нема застој во откупот на тутунот.