Денеска се одржа шестиот по ред Мониторинг комитет за секторот транспорт, животна средина и климатска акција, со кој што претседаваше заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, на кој беше разгледана состојбата во исполнувањето на програмите во конкретните сектори и користењето на ИПА средствата.
Вицепремиерот Димитров посочи дека предизвиците и научените лекции од програмирањето на ИПА II се вградени во подготовката за ИПА III, каде зрелоста на проектите беше основен критериум. Тој нагласи дека и покрај подобрувањето на капацитетите на ИПА структурите одговорни за управување со проектите во овие области, во претстојниот период ќе мора значително да се зголеми динамиката и ефикасноста во контрактирањето и имплементацијата.
„Животната средина и климатската акција, како и областа транспорт добиваат сè поголема важност во контекст на европската интеграција како точки на соработка и стратешко партнерство на ЕУ со регионот. Инвестициската и реформската агенда се потпираат на овие области, проектите кои се реализираат директно влијаат врз националниот и регионалниот развој. СЕП ќе продолжи да ја координира интерсекторската и меѓуинституционалната соработка за да ја искористиме оваа огромна шанса преку ЕУ фондовите да ги обезбедиме европските стандарди за нашите граѓани“, рече Димитров.
На состанокот се обрати и ЕУ амбасадорот Дејвид Гир, како и надлежните министри и претставници на институциите кои се директно вклучени во спроведување на секторските програми и беа усвоени заклучоци и преземени обврски со цел натамошно спроведување на инвестициските проекти поддржани со ЕУ фондови и техничката помош за усогласување со европските стандарди во областа.