Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска во Прага учествуваше на состанокот со министрите од земјите од вишеградската група и земјите од Западен Балкан. На состанокот присуствуваше и комесарот за соседство и проширување на ЕУ, Оливер Вархељи, министрите за надворешни работи на Хрватска и Словенија и претставник од Австрија.
Поддршката на земјите од регионот на Западен Балкан за нивната европска интеграција и регионалната соработка беа во главниот фокус на дебатата. Министрите за надворешни работи присутни на состанокот уште еднаш ја потврдија неопходноста од почнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија и упатија порака за донесување позитивна одлука што побргу.
Димитров, по завршувањето на пленарната сесија, имаше изјава за медиумите во името на земјите од Западен Балкан на заедничката прес-конференција со домаќинот Петричек и еврокомесарот Вархељи.
– Зборувам во името на шесте земји од Западен Балкан, географски блиски и опкружени со ЕУ земји членки. Благодарност до чешкото претседателство на вишеградската група за одржување на политиката на проширување, т.е. комплетирање високо на агендата и за овој состанок со навистина одличен тајминг. Овој собир е знак за заедништво – без Западен Балкан не може да биде возможна целосна, просперитетна, стабилна и безбедна Европа. Постојат разлики меѓу земјите, но едно е исто – споделуваме заедничка европска иднина. Заедништвото е очигледно во оваа значајна историска мисија – рече Димитров.
Новата методологија на Европската комисија, очекувањата од мартовскиот Европски совет и агендата на самитот во Загреб исто така беа разгледани.
На маргините на состанокот се потпиша меморандум за разбирање помеѓу Меѓународниот фонд на Вишеград и Фондот за Западен Балкан, што претставува уште една потврда за заложбата на земјите од вишеградската група за поддршка на нашиот регион.
Оваа група е меѓу поддржувачите на ЕУ-перспективата на земјите од Западен Балкан. Република Чешка претседава со вишеградската група од 1 јули 2019 година.
Министерот Димитров оствари и билатерална средба со МНР на Словачка, Мирослав Лајчак, на маргините на денешниот состанок. Недвосмислената поддршка за коригирање на испуштеното во октомври беше уште еднаш нагласена од страна на словачкиот министер.