Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, во својство на национален координатор за странска помош, и министерот за здравство Венко Филипче денеска присуствуваа на предавањето на донација на четири респиратори од Словачка преку NATO Pandemic Response Trust Fund (PRTF), во рамките на посетата на министерот за надворешни работи на Словачка, Иван Корчок.
– Многу сме благодарни што Словачка го споделува со нас ставот дека е време да ги почнеме преговорите за членство и да ја имаме првата меѓувладина конференција што е можно побрзо. Исто така сме благодарни што Братислава застана на страна на европските принципи во декември, во смисла на европската перспектива на целиот Западен Балкан – истакна вицепремиерот Димитров, изразувајќи благодарност до министерот Корчок, народот и Владата на Словачка.
– Ова е трета донација, која стигна преку системот на НАТО, претходната стигна преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија – посочи Димитров. додавајќи дека добро е да се има блиски пријатели кои мислат на нас и кога и на нив им е тешко.
Министерот Филипче исто така се заблагодари за донацијата на министерот за надворешни работи на Словачка.
– Имаме навистина добра соработка со пријателска Словачка во целиот овој изминат период во менаџирањето на кризата. Најпрво имавме донација на маски, лична заштитна опрема и сега 4 респираторни машини вредни близу 100.000 евра кои ќе бидат дистрибуирани во болниците таму каде што има најголема потреба. Ова е еден доказ дека кога вака се негуваат пријателите, тогаш навистина служат и се наоѓаат кога е навистина потребно – потенцираше Филипче и изјави дека соработката продолжува и понатаму како во полето на здравството, така и на многу други полиња меѓу двете земји.