Фото: Игор Бансколиев

ПРЕД НАЈАВЕНОТО ПРИСТИГНУВАЊЕ НА 650 ЛИЦА ОД АВГАНИСТАН

Македонија уште во 2011 година има воведено рестриктивни мерки против одредени лица, групи, претпријатија и субјекти во поглед на ситуацијата во Авганистан, а во согласност со мерките, ним им е забранет влез во државата и тие рестриктивни мерки сè уште се во сила. Во таа насока не смее да се занемари потенцијалниот безбедносен ризик доколку пред прифаќањето на бегалците од Авганистан не се направи целосна безбедносна проверка на лицата што влегуваат во земјава. По најавата на премиерот Зоран Заев дека Македонија ќе прими повеќе бегалци од Авганистан, затоа што имаме поголемо срце од сите други, мерките за претпазливост треба уште повеќе да се засилат и да отвориме четири очи. Таа проверка мора да се одвива во координација со НАТО, за да може точно да се утврди кој влегува во земјава и каква е неговата биографија

Македонија широкоградо најави прифаќање на 650 бегалци од Авганистан, кои тука треба да бидат со привремен престој, додека не се подготви просторот за нивно испраќање до крајната дестинација. Но без оглед на најавите на македонските власти дека станува збор за лица што работеле за НАТО, не се исклучува можноста меѓу стотиците бегалци да се протне и некој опасен радикален елемент што тука може да претставува безбедносна закана.

Земјава уште во 2011 година има воведено рестриктивни мерки против одредени лица, групи, претпријатија и субјекти во поглед на ситуацијата во Авганистан и нивна соработка со Ал каеда и со талибаните, а во согласност со мерките, ним им е забранет влез во државата и тие рестриктивни мерки сè уште се во сила.

Од тие причини не смее да се занемари потенцијалниот безбедносен ризик доколку пред прифаќањето на бегалците од Авганистан не се направи целосна безбедносна проверка на лицата што влегуваат во земјава, без оглед на информациите дека сите работеле во служба на сојузничките армии. Таа проверка мора да се одвива во координација со НАТО, за да може точно да се утврди кој влегува во земјава и каква е неговата биографија.

Најдобра потврда дека е потребна двојна безбедносна проверка се многубројните примери на оружени инциденти и напади во Авганистан, кога се случуваше војници на авганистанската армија, кои требаше да бидат сојузници на коалицијата предводена од САД, подмолно да отвораат оган врз сојузничките војници токму поради лоша безбедносна процена на нивниот профил.

Од тие причини, евентуалните безбедносни пропусти што би се направиле при приемот на бегалците можат да создадат сериозни безбедносни ризици во земјава, бидејќи и претходно тука функционираа разни ќелии од каде што се регрутираа борци што се бореа на страната на ИСИЛ и на другите радикални исламистички групации, така што доколку влезат нови радикализирани лица, ситуацијата би можела да излезе од контрола.

Во согласност со сите безбедносни протоколи, но и важечките рестриктивни мерки воведени од страна на македонското МНР, Македонија може да му го откаже гостопримството на некој од бегалците, доколку се утврди дека тој претставува безбедносна закана.

Генералот во пензија Митре Арсовски смета дека тешко може да се открие дали меѓу бегалците има инфилтрирано терористи.
– Таквата работа тешко се открива. Ние не знаеме тие луѓе што работеле таму, со кого сè соработувале, можеби работејќи за НАТО им оддавале информации и на талибаните. Немаме списоци за луѓето што ќе доаѓаат, а тие списоци се потребни – вели Арсовски, притоа додавајќи дека на бегалците од Авганистан треба да им се помогне и добро е што Македонија се согласила на такво нешто.

Според него, многу луѓе од Авганистан што биле дел од власта, од армијата, но и од други државни структури, се побегнати и тие се дел од бегалците.
– Ние практично не знаеме што работеле тие. Меѓу нив сигурно има некој што работел за талибанците. Шестотини луѓе тешко се проверуваат. Поголем проблем е што сите ќе бидат сместени на различни локации, хотели, мотели, прифатни центри, па затоа тешко е сите тие да бидат обработени. Тука ќе дојде до израз умешноста на нашите разузнавачки служби, сите бегалци да се испитаат. Згора на тоа, сево ова требаше да се направи во координација со САД и тие да помогнат со списоци кои луѓе доаѓаат и со заеднички сили сите да се сместат привремено тука, но и да се знае сè за нив. Значи ни треба помош во логистика, но и финансиска помош – додава Арсовски.

Тој додава дека мора да ѝ се помогне на Македонија од страна на тие со кои земјава соработувала.
– Ние сме членки на НАТО. Не можеме да одбиваме бегалци, но треба да ни се помогне во оваа тешка работа со луѓе што треба да се хранат, да се вакцинираат, да им се овозможи живот тука. Треба САД да ни помогнат, како што ни помогнаа европските земји да ја чуваме границата од наплив на мигранти. Прво да се направи целосен список, кој од каде доаѓа и каква функција вршел во Авганистан, за да знае државата со кого има работа. НАТО своевремено изведуваше една воена вежба во која токму се прифаќаа бегалци. Таму беше подготвен еден логор, но секој бегалец пред да влезе во логорот мораше да оди во групата што земаше документи и испитуваше кој од каде е. Не можеше да се влезе во логорот ако лицето не беше документирано. Значи НАТО има искуства со вакви ситуации, така што нема зошто да не ѝ помогне на Македонија полесно да се справи со бранот бегалци, оти самата нема капацитет за такво нешто. Ако не го направиме тоа, нам може да ни се инфилтрираат секакви луѓе – категоричен е генералот Арсовски.

Според него, сега се наоѓаме пред една отворена врата низ која ќе влезат 650 луѓе и треба да седне една комисија што ќе ги евидентира, кои се, што се, што бараат тука…
– За такви работи Американците имаат големо искуство, па затоа нека дојдат и тие да помогнат – нагласи генералот Арсовски.