Ангел Митревски дописник на „Нова Македонија“ од Хрватска
Амбасадата на Република Македонија во Загреб во услови на пандемија, сепак најде начин како да им го честита големиот празник, денот на независноста, на припадниците на македонската дијаспора во Хрватска.
Иако немаше официјален карактер, приемот кој го организираше вршителот на работите на македонската амбасада во Хрватска, Назиф Џафери, е пример како може и во невообичаени услови, кога се сака нешто, тоа и да се направи. Тој во соработка со
македонското национално малцинство од цела Хрватска, во ресторанот „Македонска барака“ во Загреб во вторникот организираше поетско-прозен рецитал на кој учество земаа познати поетеси од Хрватска, а кои се припадници на македонското, на албанското и на ромското национално малцинство, но имаше и представник на на хрватскиот народ.
Со почитување на сите препорачани мерки за заштита од ковид-19, дел од своето творештво претставија македонските поетеси Милена Златеска од Пула и Мирјана Мајиќ од Задар, читајќи одбрани песни од своите најнови книги издадени од Заедницата на Македонците во Хрватска. Албанското малцинство го представи познатата поетеса Лили Коци со својата песна „Смарагдна хаљина“ со која оваа година стана европски вицешампион во Романија, додека ромското национално малцинство го претстави Анка Далиповска со својата песна „Желе“. Да не ја заборавиме и познатата Хрватица, Јудита Реј Худичек, која со дел од својата проза се врати во едно патешевствие кон својата голема лјубов, а тоа се македонскиот народ и неговата вековна борба за свое „јас“. Сето ова беше проследено со музиката на кавал од Сафудин Алимоски, членот на македонското културно друштво „Охридски бисер“ од Загреб.
За жал, на овој голем настан, немаше претставници на Македонската православна црква од Загреб, иако беа уредно поканети од страна на амбасадата за да го увеличат овој настан со своето присуство.
По културно-уметничкиот дел следеше закуска со македонски национални специјалитети кои беа направени од вредните готвачи во ресторанот „Македонска барака“.
Овој настан покажа дека со многу труд и волја, а сепак, со скромни финансиски средства, можат да се одбележат настани и од поновата историја на Република Македонија и да се спасат од заборав.