Фото: Маја Јаневска-Илиева

УШТЕ ЕДНО НАВРАЌАЊЕ НА ПРАВНИТЕ ЕКСПЕРТИ НА СЛУЧАЈОТ „МИЈАЛКОВ“

Пропустите и слабостите во функционирањето на правниот систем во случајот „Мијалков“ уште еднаш излегоа на виделина. Но правните експерти веќе не пропуштаат шанса во секоја можна пригода да им обрнат внимание на институциите и јавноста каде се тие слабости и како да се надминат. Наметнатиот „пресинг“ од страна на експертите за „поправање на резултатот и ефикасноста на институциите“ што се дел од правниот систем е добредојден, бидејќи тоа е еден од начините државата да „влезе во кондиција“ за доследно и ефикасно владеење на правото. Експертите издвоија две клучни работи: прво, да се тренира практичната соработка помеѓу државните органи и, второ, да се тренираат човечките ресурси за зголемување на нивните знаења и вештини

Последниот случај со ненадејното исчезнување, па потоа појавување пред институциите на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, првообвинет во случајот „Таргет-Тврдина“, несомнено фрли светлина што осветли многу темни страни на функционирањето на институциите во државата. Според правните експерти, случајот „Мијалков“, иако негативен пример, треба да биде искористен не само како пример што укажува на системски слабости туку, напротив, треба да ги придвижи механизмите и инструментите да бидат надминати токму тие недоследности од областа на правото, како „мекиот стомак“ на целиот државен систем.

Прв проблем: некоординираност меѓу институциите

Имено, низа професори повторно и повторно нагласуваат дека случајот извади на површина состојби што укажуваат најпрво на некоординираност меѓу институциите, што резултира и со меѓусебни префрлања на одговорноста, но и со спротивставени тврдења.

Контрадикторните изјави во јавноста поврзани со случајот ја наметнаа и дилемата за мешањето на надлежностите помеѓу извршната и судската власт, кои во согласност со уставните принципи и начела се независни во своето дејствување. Правниците со кои се консултиравме велат дека координацијата меѓу институциите по предметите од профилот на случајот „Мијалков“ е децидно предвидена (напишана) во Кривичниот законик и тука не смее да постои различно толкување.

На пример, универзитетскиот професор Гордан Калајџиев вели дека случајот „Мијалков“ за него е тешко разбирлив како професор на Правниот факултет и додава дека само може да замисли колку тој е енигма за обичните луѓе.
– Она што може да се констатира во оваа бура по настанот е дека има голем број институционални недоследности кога се постапувало по предметот – вели Калајџиев.
Според професорот, ако се слушнат сите изјави на функционерите, се дознава, благо кажано, дека тие меѓу себе имаат лоша комуникација и координација.

Професорот истакнува дека нашиот систем е дизајниран така што државните тела, сакале или не, мора да соработуваат и да си помагаат во работата, но тоа очигледно не било така во настаните со случајот „Мијалков“.
– Она што важи во практика и мислам дека добро се спроведува во, условно кажано, обичните процеси, тоа очигледно не важи за настаните за Мијалков или, пак, за оние со бегството на Никола Груевски. И во двата случаја има многу нејаснотии од ист карактер, контроверзии и покажани слабости на системот – нагласува тој.

Втор проблем: човечките ресурси

Професорот Калајџиев издвојува дека секој човек што ќе се обиде со здрав разум да ги протолкува настаните стигнува до заклучок дека нешто не е во ред и со кадрите што ги управуваат, координираат и спроведуваат законски утврдените постапки. Значи, човечките ресурси вклучени во овие активности се далеку од висината на извршувањето на своите работни задачи, односно спроведувањето на принципот на владеење на правото.
– Мислам дека сето тоа е резултат на неспособноста на кадрите во институциите да дејствуваат по овие тешки предмети, бидејќи државните органи се длабоко политизирани, а партиските кадри не можат да функционираат ни приближно како професионалците. По редоследот на нештата што ги виде јавноста во овој случај, сакам да верувам дека потфрлањето се должи на големиот притисок од јавноста за важноста на настани, а не на незнаењето за раководење на одредени институции -смета Калајџиев.

Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, коментирајќи ги актуелните случувања, вели дека е штета што студентите на Правниот факултет во моментов учат онлајн, бидејќи тие најверојатно имаат поголем капацитет во практика да ги решат настаните отколку активните правници на највисоки функции.

Илиев вели дека во моментов се бесцелни изјавите и на министерот за правда и на обвинителката и на министерот за внатрешни работи, кои се однесуваат на тоа кај кого лежи вината за лошата реакција за случајот „Мијалков“.
– Во нашиот Кривичен закон имаме јасно одредени одредби што мора да се следат кога говориме за вакви и слични процеси. Во законот се испишуваат обврските и на полицијата и на обвинителите, па дури и на министрите, но нивното непочитување е очигледно во овој настан – вели Илиев.

Според судијата, секој треба да си ја врши својата законска обврска, обвинителите истражуваат, полицијата следи, а министерот ги надгледува процесите.
– Сѐ повеќе од оваа констатација е само т.н. „ветар и магла“, што нам ни се сервира во моментов – вели Илиев.

[email protected]