Фото: Дарко Андоновски

Одлуката од Брисел за дел од домашната јавност не е изненадување, туку само потврда дека државата требаше да ги среди состојбите дома

Европската Унија не додели датум за почеток на пристапните преговори за Македонија, со што ги изневери очекувањата на домашната политичка јавност, но и на граѓаните.
Неизвесноста што траеше уште од почетокот на неделата вчера ја прекинаа лидерите на ЕУ, кои не успеаја да ја разубедат Франција да дозволи почеток на пристапните преговори за Македонија и за Албанија.

Францускиот лидер Емануел Макрон остана на тврдиот став дека најпрво треба да се изработи нова методологија за пристапните преговори, па потоа да продолжи процесот за проширување. Покрај тоа, Франција бара Македонија и Албанија да продолжат со реформите, бидејќи според нивната перцепција, сè уште не е доволно направено.
Одлуката од Брисел за дел од домашната јавност не е изненадување, туку само потврда дека државата требаше да ги среди состојбите дома.

– Македонија се саможртвуваше за ништо, сонувајќи за ЕУ како некогаш за комунизмот. Тоа е голем срам на оваа генерација. И нема да ѝ биде простен… Не ме допираат ни солзите на европските колеги, кои ламентираат и жалат што не сме почнале маратон, кој можел да се трча и наназад – искоментира професорката Билјана Ванковска.

Професорот Љубомир Цуцуловски смета дека државата треба да се сврти кон внатрешните проблеми и да започне со нивно решавање.
– Биле или не биле во ЕУ, не верувам дека тоа битно би го променило менталитетот на македонските лидери, ниту би довело до неопходните економски и правни промени. Единствените конкретни резултати од оваа мономанична, меѓутоа и замајувачка идеја (да се влезе во ЕУ по секоја цена) е создавање општ хаос во главите на македонските граѓани од една страна и, од друга, историски невидено самоосакатување како на државен, така на морален и на национален план – смета Цуцуловски.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според него, секоја умна политика би се свртела кон внатрешните/виталните проблеми на државата и со сета своја сериозност би работела на нивно надминување, наместо, како што вели, „да коленичи пред портите на другите, како ’единствен‘ начин да се влезе во светот“.

– Сè додека не се сфати оваа основна вистина, Македонија ќе биде надвор од светот и далеку од секое достоинство. Отсуството на достоинство никој не го цени, макар што секој го посакува како пожелна особина кај „блискиот свој“ – вели Цуцуловски.
Професорката Гордана Силјановска-Давкова во објавата на Фејсбук констатира дека промената на името не била доволна за ЕУ да додели датум.

– Каде сме денес? Се покажа дека доволно е Грција да го „реши спорот“ со вашето име за да ви дозволи да влезете во НАТО од геостратегиски причини, но не е доволно вие да си го смените името до обезличување за да добиете датум за почеток на преговори за ЕУ – заклучува Силјановска-Давкова.

Видлива разочараност е забележлива кај домашната политичка елита, која смета дека македонските граѓани заслужуваат да им се каже вистината, односно Европејците да соопштат дали европската агенда повеќе не важи за Западен Балкан.
– Најмалку што Европската Унија му должи на регионот е да биде директна со нас. Ако повеќе не постои консензус за европската иднина за Западен Балкан, ако ветувањето дадено во Солун 2003 г. веќе не важи, тогаш граѓаните заслужуваат да знаат – напиша министерот за надворешни работи Никола Димитров на својот твитер-профил, откако на Самитот на лидерите на ЕУ не беше постигнат договор за одредување датум за Македонија.

Лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски оцени дека недобивањето датум е резултат на лошите владини политики.
– Недобивањето датум е лоша и непосакувана вест за Македонија, и државата влегува во разочарување. Ваквата одлука е пораз, но не на македонскиот народ и граѓаните, туку на политиките на Зоран Заев и на оваа власт – рече Мицкоски.


Пендаровски: Европските стандарди да станат домашни стандарди

Пред македонските граѓани вчера се обрати и претседателот на државата Стево Пендаровски, откако стана јасно дека Европската Унија не додели датум за почеток на пристапните преговори за Македонија.

– Ние во Европа немаме непријатели, постојат само држави што имаат свои специфични национални интереси, кои ги штитат и во тоа нема ништо спорно. Сега е најважно ние самите, уште еднаш, да ги потврдиме нашите позиции во однос на евроатлантските интеграции кои немаат одржлива алтернатива… Убеден сум дека ако го сакаме доброто на сопствената земја, единствениот исправен пристап, имајќи ги предвид новите околности е да бидеме уште порешителни во трансформацијата на нашето општество – истакна Пендаровски.

Според него, реформите во многу области, а особено функционирањето на правната држава, мора да продолжат и да се интензивираат без никакви калкулации.
– Справувањето со организираниот криминал и високата корупција не се само услов за интеграциите, тие се, многу повеќе, нужност за опстојувањето на еден одржлив правен поредок. Европските стандарди треба да станат домашни стандарди. Ако нашите луѓе не видат европски стандарди на живеење, само формалното членство во Унијата не му е никому потребно – нагласи македонскиот претседател.
Тој истакна дека независно од заклучоците на Советот на ЕУ, договорите што беа постигнати со Бугарија и со Грција мора да се спроведуваат, со фер пристап од сите страни.

Пендаровски уште соопшти дека за в недела закажал лидерска средба на која присуството го потврдиле сите поканети претставници од поголемите партии од власта и од опозицијата.


Макрон налутен го напуштил состанокот

Францускиот претседател Емануел Макрон го напуштил вчерашното продолжение на Европскиот совет, откако бил жестоко критикуван од повеќемина колеги од други земји-членки поради тоа што не се согласува со одлука за отворање преговори со Македонија.

Макрон бил критикуван поради неможноста да ги согледа последиците од неиспорачувањето позитивен сигнал до земјите од Западен Балкан.
Откако се нашол на удар на критика, тој се налутил и го напуштил состанокот.