Дваесет и една препорака за нашата држава содржи извештајот на Групата држави против корупција (ГРЕКО) од петтиот еволуционен круг кои се однесуваат на највисоките носители на извршна власт и МВР, изјави претставничката на земјава во ГРЕКО, Ана Павловска-Данева, која одржа брифинг со претставниците на медиумите во однос на извештајот.
Таа потенцира дека со препораката опфатени се премиерот, министрите, ДКСК и полицијата.
– Препораките на ГРЕКО накратко се сведуваат на тоа дека Владата треба да донесе нов етички кодекс или пак, да го измени постоечкиот етички кодекс за министри и за други избрани и именувани лица од Владата, кадешто Владата ќе предвиди санкции за министрите и за сите именувани лица кои нема да го почитуваат тој етички кодекс – образложи Павловска-Данева.
Истото се однесува и на полициските службеници. ГРЕКО бара да се промени, да се ревидира, или да се донесе потполно нов етички кодекс за полициски службеници.
– ГРЕКО инсистира на чести обуки, што ќе треба ДКСК да ги спроведува, како за министрите така и за полициските службеници, за тоа што значи етичко однесување, што значи интегритет, што значи и како да се спречи конфликт на интереси. ГРЕКО исто така, бара да се воведат критериуми, професионални, за избор и разрешување на директор на Бирото за јавна безбедност. Што ќе значи дека, покрај ваков вид на подзаконски акти, како што се етичките кодекси и други програмски определби, или силабуси за тренинзи и обуки, Владата на Република Македонија ќе мора да подготви и измени за законот за полиција и законот за внатрешни работи, а Собранието овие закони да ги усвои и да ги донесе – додаде Павловска-Данева.
Рокот кој ни е даден од страна на ГРЕКО за исполнување на овие препораки е 18 месеци, што значи дека до 30 септември следната година, ќе треба да поднесеме извештај што, од сето тоа препорачано, сме успеале да оствариме.