Граѓаните на Македонија, Србија и Албанија ќе ги минуваат границите без ПЦР-тестови, а доколку граѓанин поради ковид-19 се најде во болница во овие земји, државата ќе го преземе трошокот за лекување. Ова се предидува со Меморандумот за соработка во услови на Ковид-19 што денеска го потпишаа премиерот Зоран Заев заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерите на Србија Ана Брнабиќ и на Албанија, Еди Рама во присуство на министрите за здравство.
Заев истакна дека со ова се поставува патот за уште посилна соработка помеѓу земјите.
– Со денешниот меморандум го поставивме патот за уште подобра соработка на нашите соседни земји, сакаме да го олесниме животот на граѓаните и да поставиме основи за економско закрепнување. Почнувајќи веднаш работиме на координација во обезбедување на ваквина за ковид-19 – истакна Заев.
Нагласи дека граѓаните ќе се движат помеѓу трите земји без потреба од ПЦР-тестови односно ќе се ослободат од административен и финансиски товар.
Албанија и Србија во рамките на истиот настан потпишаа и и билатерален договор за слободно движење на нивните граѓани само со лични карти.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека е многу среќен и горд што трите земји го потпишаа Меморандумот за разбирање и соработка во борбата против ковид-19, како што рече тој преку Меморандумот земјите ќе можат заедно да разменуваат информации и ќе превземаат мерки во борбата против коронавирусот.
– Важно е со тоа да создаваме поголема блискост и доверба, да можеме и на најконкретен начин да им помогнеме на нашите луѓе. Со овој меморандум ќе можат нашите болници да ги примат на лекување луѓето од Северна Македонија и Албанија кои се заразени со вирусот и на тој начин ќе постигнеме поголема меѓусебна сигурност – рече српскиот претседател.
Вучиќ истакна дека е многу важно тоа што земјите меѓу себе не ги затвораат границите оставајќи простор заедно да се борат со вирусот бидејќи тој не познава националности.
– ММФ предвидува дека нашите три земји во следниот период од три години ќе имаат најголема стапка на развој во овој дел од Европа и верувам дека со дополнително поедноставување на процедурите и зголемување на капитал и луѓе можеме да постигнеме многу кога формално ги решивме сите пречки. Ќе имаме многу повеќе Албанци во Ниш што сакаат да ја посетат Србија, но и многу Срби што сакаат да ги видат Драч, Тирана и Валона и сите други места во Албанија, како што сакаат да ги видат Скопје, Охрид и Велес во Северна Македонија – рече Вучиќ.
Премиерот на Албанија, Еди Рама потпишувањето на Меморандумот и меѓудржавниот договор за слободно движење на српските и албанските граѓани со лични карти ги оцени како историски чекор напред за трите земји.
– Среќен сум што од утрешниот самит во Софија почнува една нова фаза на нашата тесна соработка и Косово ќе се предружи на иницијативата. Многу е важно таму да ја повториме нашата посветеност за интеграција на балканските земји во ЕУ и зелениот договор кој сите го прифаќаме. Цврсто сум уверен дека оваа иницијатива ќе расте и ќе ни помогне на сите нас – рече албанскиот премиер.
Рама додаде дека за земјите не постои друг пат ниту можност од меѓусебна соработка и комуникација за подобра иднина, тој исто така, упати благодарност за денешната иницијатива и организацијата на македонската влада.