Претседавачот на Воениот Комитет на Европската Унија, генерал Клаудио Грацијано во рамки на неговата официјална посета на Армијата на Македонија, која е прва посета на председавач на воен комитет на ЕУ на нашата држава, денес престојуваше во Министерството за одбрана и генералштабот на Армијата.
По пречекот со високи воени почести генералот Грацијано оствари средби со својот домаќин, началникот на ГШ на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
За време на средбата помеѓу генералите Ѓурчиновски и Грацијано се разговараше за учеството на Армијата во мировните операции на Европската Унија, процесот на транформација и интеграција во НАТО и за искажаната поддршка од страна на Воениот комитет на ЕУ за нашите интегративни процеси во евроатланските структури.
На средбата меѓу министерката за одбрана Радмила Шекеринска и високиот гостин стана збор за учеството на нашата земја во меѓународни обуки и мисии на ЕУ и соработката. Двајцата соговорници го поздравија континуираниот ратификациски процес за членството на Македонија во НАТО и изразија надеж дека кон
средината на месецов ќе биде донесена и одлука за почеток на преговори за
членство во ЕУ. Министерката Шекеринска рече дека вчерашното заедничко писмо на клучните луѓе на Унијата до земјите членки да одобрат преговори е силна порака до нашата земја и до регионот.
На состанокот на кој на делегацијата им беше презентиран придонесот на единиците на Армијата во мировните операции со акцент на операциите предводени од ЕУ, генералот Ѓурчиновски истакна дека нашето учество и придонес во заедничката одбрамбена политика е важен инструмент во интензивирањето на политичкиот дијалог со ЕУ и е еден од елементите на проценката на европската комисија во исполнување на критериумите во членството во ЕУ.
Од страна на генералот Грацијано, се искажаа пофални зборови за учеството и
професионалноста на припадниците на АРМ во мировните мисии. Притоа истакна дека Македонија игра важна улога во стабилноста на регионот со пристапот и начинот на решавање на предизвиците од политички и безбедносен аспект. Очекувањата се дека со нашето полноправно членство во НАТО и во европската безбедносна одбранбена политика ќе имаме можност директно ќе бидеме вклучени и ќе имаме поактивна улога во безбедноста и стабилноста на регионот и пошироко.
За време на посетата делегацијата ќе ги посети и единиците на Армијата во
касарната Илинден, а ќе оствари и посета на претставништвото на Европската Унија
во Македонија.
АРМ како дел од стратегиската определба за членство во ЕУ декларираше свои единици за учество во мировната мисија на ЕУ, Алтеа во Босна и Херцеговина во која активно учествуваме од 2006 гоина. Во мисијата во состав на единиците досега учествувале повеќе од 300 припадници на Армијата, а во 2008 година враќајќи се од оваа мисија трагично го завршија животот 12 наши припадници.
Покрај учеството во АЛТЕА, АРМ учествува и во борбените групи на ЕУ, каде во текот на 2014 година на вежбата „Брз Лав“ во Белгија, активно учествуваше со една декларирана пешадиска чета.